
Костадинов реагира на критиките од невладините организации: Која е потребата да се занимавате со моето човеково право на верување во Бога
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов на својот Фејсбук-профил објави реакција, откако невладините организации го критикуваа за поддршката што ја дава на трибините и јавните дебати поврзани со законите за родова еднаквост и за матична евиденција, организирани од Фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија на МПЦ-ОА.
Препорачано
Од денеска како градоначалник, со целото мое законско право, ставам ништовност на секој меморандум на таквите невладини организации и вето доколку каков било допис стигне до општината од нивна страна – оцени Костадинов во реакцијата објавена на Фејсбук.
Во објавата тој наведува дека не ја разбира потребата на одредени невладини организации да се занимаваат со неговото човеково право на верување во Бога и не разбира зошто истото им пречи.
Јас сум човек кој има разбирање за сите, но со сигурност не и за нив. Иако без ниту еден кажан збор, сум мета на одредени индивидуи, јас сум човек растен во духот на Христијанството и ќе простам. По неколку пати толеранција доведен сум до степен да си ја заштитам мојата Струмица, моите струмичанки и струмичани. Побарав извинување за навредените богољубиви граѓанки и граѓани на Струмица и не го добивме, денеска повторно по Фејсбук статуси, по коментари сме навредувани, омаловажувани како луѓе и тоа нема да помине – пишува Костадинов.
Тој додава дека кога е Струмица во прашање нема компромиси, дека се работи, како што вели, „за нашите деца, нашите внуци, станува збор за сите нас“.
На крајот Костадинов порачува дека еднаквите можности помеѓу жените и мажите во Струмица се посилни од кога било.