
Кошаркарската репрезентација „осиромашена“ на мундијалските претквалификации: Ако по утрото денот се познава, не е на арно…
Националниот тим на Македонија во претквалификациите за Мундијалот 2027 ќе настапува без предводникот Ненад Димитријевиќ, без адутот Ти Џеј Шортс, без уште неколкумина стандардни репрезентативци. Новиот селектор Илиевски изрази жалење дека некои кошаркари и клубови на претстојните обврски гледаат во манирот дека „тоа не е многу важно“
Ненад Димитријевиќ, предводникот на македонската кошаркарска репрезентација, нема да биде дел од тимот што ќе игра на претквалификациите за Мундијалот 2027. Селекторот Марјан Илиевски на стартот на подготвките информира дека Димитријевиќ приоритет им дава на клупската иднина и на одморот.
Препорачано
Несвојствено однесување за лидерот на оваа генерација кој во минатото знаеше добро да запне во македонскиот дрес. Но сега го нема… Илиевски уште пред статот на подготовките најави дека се надева на придонесот на Димитријевиќ, но ќе мора без него.
Го нема ни Ти Џеј Шортс, можеби најдобриот плејмејкер во Европа, кој изгледа го одработи своето во македонскиот дрес, го доби тоа што му требаше и толку. Двајцата најдобри поединци нема да играат во претквалификациите, тоа го знеме уште пред стартот.
Навистина, старт што многу не ветува. Покрај тоа на почетокот нема ни повеќемина други репрезентативци. Од 27 на списокот на селекторот, на првата прозивка вчера имало само десетина.
Загрижувачки став на некои клубови и репрезентативци
Илиевски изрази жалење дека некои кошаркари и клубови ги гледаат мундијалските претквалификации во манирот дека „тоа не е многу важно“, па изгледа така и се однесуваат.
Никој не може и не треба со сила да биде теран да игра, ако не сака. Но, ваквото однесување е непочитување на црвено-жолтиот дрес и не дава голема надеж дека работите со репрезентацијата во иднина ќе тргнат на подобро, по цела низа лоши резултати последниве години.
Ако секој сам си решава што е важно а што не е, националниот тим ќе се претвори во доброволно друштво, наместо тим во кој секој повикан треба да чувствува чест и обврска да се појави. Новиот селектор уште на стартот на својата работа се соочува со проблеми кои можат да бидат негативен показател за иднината.
Потребен е настап на големо натпреварување
На македонската репрезентација и треба настап на големо натпреварување на кое не настапила уште од Европското првенство 2015 година. Претквалификациите за Мундијалот 2027 со тим во кој најдобрите недостасуваат може да му послужи на селекторот за да воигра и испроба некои помлади играчи.
Ќе видиме колку овој тим што му е на располагање на Илиевски може да постигне во августовскиот претквалификациски термин, кога ќе изигра домашни и гостински мечеви со Романија и со Унгарија.
Селекторот вели дека не треба да се биде негативен поради тоа што дел од играчите од списокот ќе ги нема. Сепак, има и добра вест – враќањето во националниот тим на Андреј Јакимовски, повратникот од САД, на кој во август изгледа ќе падне најголемиот товар.