Еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос и премиерот Христијан Мицкоски - ФОТО Драган Митрески СП

Кос: Владата во Скопје има историска можност и одговорност да направи решавачки чекор кон ЕУ

„Владата во Скопје има историска можност и одговорност да направи решавачки чекор кон Европската Унија и да го искористи моментумот на проширување кој е очигледен и постои“ – порача еврокомесарката за проширување Марта Кос во обраќањето пред Европскиот парламент во текот на вчерашната дебата за европратенците на извештајот на пратеникот Томас Вајц за напредокот на Македонија за 2023 и 2024 година.

Кос порача дека извештајот дава јасна порака за поддршка на Европската Унија за европскиот пат на земјата, но ги наведува и условите кои се потребни за нејзино придвижување кон целта.

„За време на моите разговори со лидерите на Северна Македонија во Скопје минатата недела ја истакнав нашата посветеност како ЕУ да ја поттикнеме земјата да продолжи напред во процесот на пристапување. Исто така, во неколку наврати, потсетив на потребните чекори што треба да се преземат за да се отворат пристапните преговорите за кластерот „Основани вредности“. Единствен начин за тоа е да се усвојат уставните амандмани“, рече Кос во обраќањето пред европратениците.

Еврокомесарката оцени дека извештајот за Македонија дава сеопфатна и избалансирана проценка на ситуацијата во земјата, вклучително и во клучните области како владеењето на правото, област која, како што рече, покрај независноста на судството, борбата со корупцијата и јавната администрација, треба да биде зајакната.

Европскиот парламент денеска во Стразбур ќе гласа за усвојување на Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот