
Конзорциумот Бехтел и Енка одржаа Саем за вработување во Битола
Конзорциумот Бехтел и Енка денеска на Саемот за вработување во Битола ги повикаа битолчани да се пријавуваат за ангажман во изградбата на новиот автопат што ќе ги поврзува Битола и Прилеп. На промотивниот настан пред Офицерскиот дом, проектниот менаџер на Бехтек и Енка, Џош Бекер ја најави кампањата за нови вработувања во компанијата.
Препорачано
-Почнуваме кампања за вработување и до крајот на следната година планираме да вработиме околу 2000 лица. Досега вработивме 250 лица. За вработување ќе има многу можности со многу позиции. Апликациите може да се доставуваат во Агенцијата за вработување или онлајн- истакна Бекер.
Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, конзорциумот Бехтел и Енка е силен изведувач од кој може многу и да се научи и ги повика сите профили да аплицираат затоа што може да бидат од корист за изградба на инфраструктурата во Пелагонискиот регион.
-После 32 години зборуваме за изградба на автопат кој го очекуваат битолчани. Имаме најсилен изведувач на работите, а тоа е конзорциумот Бехтел и Енка од кој можеме многу да научиме, а тоа знаење подоцна да го пренесуваме на нашата оператива. Бехтел и Енка работеле во регионот, во Србија, Косово и Албанија, и секаде со Бехтел и Енка соработувале македонски компании-истакна министерот Бочварски.
На промотивниот настан во Битола, директорот на ЈП за Државни патишта, Ејуп Рустеми рече дека после потпишувањето на договорот со Бехтел и Енка за изградба на коридорите 8 и 10-Д, интензивно работат на четири активности.
– Геомеханичките истражувања се приведуваат кон крај, избравме проектанти, при крај се урбанистичките проекти, а очекуваме многу брзо од Владата да добиеме потребни одобренија за градба. Апелирам битолчани да се јават на отворениот оглас за вработувања во Бехтел и Енка бидејќи целта на Владата, на Министерството за транспорт и врски и на ЈП за Државни патишта е 51 отсто од капацитетите во овој проект да се од државата. Повикувам граѓаните да аплицираат за вработувања, а фирмите да се јавуваат за ангажмани со цел што повеќе работници да бидат ангажирани во овој проект-нагласи Рустеми.
Саемот за вработување и ангажман во проектот на Бехтел и Енка, освен во Тетово, Гостивар и Битола, наскоро ќе биде одржан и во Прилеп.
Текст и фото: В.М.Мл.