
Контроверзен закон: Пребарувањето „екстремистички содржини“ на интернет во Русија е казниво
Од денеска во Русија пребарувањето на „екстремистички содржини“ на интернет е казниво. Тоа вклучува и пребарување на ЛГБТ-теми, текстови за опозицијата, па дури и некоја музика.
Максут Шадајев е руски министер за дигитализација. Неодамна се вклучи на онлајн-седница на Владата и мораше да му рапортира на претседателот Владимир Путин за законот бр. 281-Ф3.
Препорачано
„Предвидени се казни до 5 илјади руски рубљи за намерен пристап до екстремистички материјал од регистарот на Министерството за правда. Таму во моментов се регистрирани 5.500 материјали врз основа на судски одлуки. Странски платформи се противат на барањето на нашиот регулаторен орган, Роскомнадзор, да го отстранат таквиот материјал. Во моментов чекаат повеќе од 20 илјади наши барања“, рече Шадајев.
Дури и лидерот на Кремљ, Путин, покажа задршки за изјавата на само неколку дена пред да стави потпис кон крајот на јули и го праша министерот како мисли „законот што го носи Думата за пребарување на екстремистички информации – по сè што беше споменато – да функционира во пракса?“
Министерот Шадајев непоколебливо возврати дека „во пракса властите ќе мора да докажат дека постоела намера и дека корисникот однапред знаел оти се работи за екстремистички материјал кој е регистриран. Во тој поглед обичните корисници нема што да се грижат.“
Сè може да биде „екстремистичко“
Законот не предвидува казна ако таква содржина се појави во полето за пребарување, но не биде кликната. Но, забранетото овошје е особено слатко. Комунистичката опозиција во парламентот забележува дека вака само се навлекуваат луѓето на непосакуваниот материјал.
Во денешна Русија сè може да биде оквалификувано како „екстремистичко“: книги што „промовираат истополови врски“ или едноставни објави на социјалните мрежи од опозициски групи, едноставно сè што властите го сметаат за „опасно“ – вклучувајќи и филмови и музика.
Листите постојано се актуелизираат. Како воопшто може човек да има преглед над сето тоа? Официјално околу 40 проценти од населението се корисници на ВПН-врски за да ги заобиколат забраните на интернет. Тоа значи дека околу 40 проценти од граѓаните потенцијално би го кршеле законот.
Спор за ВПН-врските
Претседателот на Комисијата за информатичка политика на Думата, Сергеј Бојарскиј, на парламентарниот канал рече:
„Ние и натаму нема да ги забрануваме ВПН-врските. Тие може да помогнат да се заобиколат штетни забрани наметнати преку санкциите против нас. Многу граѓани, бизниси и организации користат ВПН-мрежи за добри цели. Но, ако користите ВПН-мрежи за пристап до екстремистички информации, тоа е аргумент дека тоа сте го сториле со намера“, посочи Бојарскиј.
Рекламирањето ВПН-мрежи во меѓувреме стана казниво. И тоа физичките лица ги чини десетпати повеќе, а правни лица дури и 100 пати повеќе од 50-те евра казна за „пребарување на екстремизам“.
Имплементацијата е нејасна
Адвокатот Калој Ахилгов на независниот Јутуб канал „Живој Гвозд“ го коментира новиот закон со зборовите: „Всушност, сè уште не е јасно како сето ова ќе се спроведува во пракса. Тоа значи технички надзор од страна на провајдерите на интернет. На пример, јас имам ВПН-мрежа на мојот телефон, но тоа не значи дека секогаш ја користам и дека пребарувам екстремистички материјали. Како ќе го надгледуваат тоа? И ако полицаец ви го побара телефонот, ваше право е да одбиете да му го дадете бидејќи пристапот до уредот е еднаков на давање исказ, а вие имате право да одбиете да дадете исказ.“
И покрај нејаснотиите, факт е дека населението на Русија се соочува со нов закон што отвора врата за произволно однесување и изолира различни содржини и мислења. Уште една практична алатка плус за режимот на Путин.
Извор: Дојче веле/ Авторка: Штефани Маркерт, МДР