
Контролорите на летање го ставија во мирување штрајкот откако Владата им вети исполнување на дел од барањата
Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) ја стави во мирување најавената одлука за штрајк, која требаше да се реализира денеска. Претседателот на ССКЛМ, Александар Тасевски, за МИА изјави дека синдикатот добил уверување дека дел од нивните барања се прифаќаат.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Одобрено е барањето за нови вработувања на контролори на летање, како и спроведување на функционална анализа што ќе ги утврди потребните работни позиции и бројот на извршители – рече Тасевски.
Сепак, тој најави дека синдикатот ќе го оспори последниот конкурс за вработување во М-НАВ, за кој веќе реагираа и при најавата за штрајк.
– Не застануваме тука. Ќе продолжиме да бараме професионализам. Има неправилности во огласот, повторно дадовме шанса, но очигледно Управниот одбор нема намера да застане – изјави Тасевски.
ССКЛМ претходно побара поништување на огласот, оценувајќи дека не одговара на реалните и итни потреби на компанијата. Тие предлагаат пополнувањето на позициите да се изврши со внатрешна реорганизација и рационализација.
Раководството на М-НАВ, пак, тврди дека презема сериозни чекори за стабилизирање на компанијата, вклучувајќи нови вработувања, имплементација на нови технологии и реорганизација.
Во текот на 2025 година, со согласност од Министерството за финансии, ќе бидат вработени нови стручни кадри: четворица метеоролози, еден метео-набљудувач, инженер за сајбербезбедност и шест нови контролори на летање, кои ќе се школуваат во странство.
Според податоците на М-НАВ, во првата половина од годинава е забележано зголемување на воздушниот сообраќај за над 12 отсто – со 133.474 летови, наспроти 119.972 летови во истиот период лани.