
Кондовски има зелена агенда, Коњановски смета дека тие проекти се мегаломански
Ќе работам на ефикасноста на општината со забрзана динамика, односно општината да одговара на време на барањата на граѓаните и да биде нивен сервис, вели кандидатот за градоначалник на Битола од СДСМ и Коалицијата, Христо Кондовски.
Препорачано
Тој во дебатата на Телма телевизија додаде дека ќе работи најмногу на инфраструктурата и оти даноците на битолчани ќе бидат инвестирани во капитал, кој ќе создава додадена вредност.
– Треба да се работи на креирање и на ГУП, како и ДУП-ови што го заложуваат севкупниот развој, а ќе работам и на зелената агенда. Не е прашање дали да се гради туку како да се гради, за еден метар бетон, ќе има еден метар зеленило, кажа Кондовски.
Кандидатот за градоначалник на Битола вели дека од неговиот противкандидат Коњановски слуша само црна пропаганда и апсурдна програма, а ниту еден проект.
– Немате смелост и знаење пред битолчани да кажете конкретни рокови за проекти иако со фамилијата сте дваесет години во политиката, му порача Кондовски на неговиот противкандидат.
Кандидатот за градоначалник на Општина Битола од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски смета дека проектите на неговиот противкандидат од СДСМ и Коалицијата, Христо Кондовски се мегаломански и нерационални.
– Зошто зборувам така? Еден од тие проекти е подземниот паркинг простор. Јас не знам дали господинот Кондовски зел во предвид Законот за заштита на старото градско јадро кога го зборува тоа, или кога зборува за зелената агенда, а ги внесува 250-60 возила кои треба да се паркираат таму во тој простор. Инаку сѐ во програмата е конципирано за период, рок од четири години. Вие не можете точно да кажете рок на изведување ако не ги знаете точно значи проблемите со коишто ќе се соочите во локалната самоуправа, додаде Коњановски.