
Концертите на „Бијело Дугме“ и Светлана Цеца Ражнатовиќ меѓу најпосетуваните во светот – рамо до рамо со Френк Синатра и Спрингстин
Ако погледнете на листата на најпосетувани концерти во историјата, ќе забележите една многу интересна работа. Имено, според податоците што можат да се најдат на „Википедија“, меѓу првите десет најпосетувани концерти во светот, дури два се одржале во Белград, пишува „Блиц“.
Препорачано
Додека италијанскиот пејач Васко Роси е на првото место со неверојатни 225.000 посетители на концертот што се одржа во Модена во 2017 година, југословенскиот рок-состав „Бијело Дугме“ е на второто место со 220.000 луѓе во публика на концертот на Хиподром во 2005 година.
Следните шест позиции ги заземаат јапонскиот бенд „Glay“, британскиот пејач Пол Макартни, американската пејачка Тина Тарнер, американскиот пејач Френк Синатра, италијанскиот кантавтор Лучијано Лигабу и Американецот Брус Спрингстин – со концерти на кои присуствувале од 200 до 160 илјади луѓе.
На деветтото место е српската пејачка Светлана Цеца Ражнатовиќ со 150.000 посетители на концертот во Ушќе во 2013 година.
Во првите десет најпосетувани концерти се наоѓа само уште ирската рок-група „U2“ со ист број посетители, а интересно е да се напомене дека „Бијело Дугме“ и Светлана Цеца Ражнатовиќ во листата се над великаните како што е американската рок-група „Kiss“, британскиот рок состав „Queen“, американската поп-пејачка Мадона, британската рок-група „The Rolling Stones“, американскиот поп-пејач Мајкл Џексон итн.