
Компанијата зад проектот на „Суперлигата“ се соочува со банкрот
„А22 Спортс Менаџмент“, компанијата зад Европската Суперлига, се соочува со сериозен финансиски колапс откако пријави загуби од 5,5 милиони евра, објави „Спорт“. Ова претставува драматично зголемување во однос на загубата од 200.000 евра пријавена претходната година и ја става компанијата во непосредна опасност од банкрот.
Препорачано
Иако во 2024 година, извршниот директор на „А22“, Бернд Рајхарт, тврдеше дека новото натпреварување би можело да започне уште следната сезона, проектот во последно време е целосно тивок. Единствените клубови кои сè уште отворено ја поддржуваат идејата се Барселона и Реал Мадрид. Сепак, Рајхарт тврди дека околу 60 европски фудбалски клубови тајно изразиле поддршка за новото натпреварување.
Минатата година, „А22“ презентираше план за формат на Суперлига со три дивизии, вклучувајќи вкупно 96 тима и систем на промоции и испаѓања меѓу лигите. Големата вест во тоа време беше идејата за бесплатна платформа за стриминг наречена „Унифај“, која би емитувала натпревари глобално без плаќање.
„А22“ тврди дека сегашните загуби се резултат на инвестициите во „Унифај“. Компанијата регистрираше промет од 7,2 милиони евра и профит од 1,9 милиони во 2022 година, но во моментов нема друг извор на приход освен наводните плаќања од Барселона и Реал Мадрид. Според „Марка“, овие плаќања не се официјално декларирани и не ги обврзуваат клубовите со никакви обврски кон А22.
А22 е во сопственост на „Анел Капитал СЛ“, која пак е контролирана од инвестицискиот банкар Анас Лаграри и Џон Карл Хан, претставник на инвестицискиот фонд „Провиденс“ и поранешен директор во „Морган Стенли“. Лаграри игра важна улога во Реал Мадрид како советник на претседателот Флорентино Перез, вклучително и за прашања за идниот модел на управување на клубот. Со оглед на финансискиот капацитет на Лаграри и Хан, аналитичарите веруваат дека веројатно ќе најдат начин да избегнат банкрот за А22.
Во меѓувреме, претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, даде шокантно признание, објавувајќи дека клубот е во преговори со УЕФА за создавање ново натпреварување – нешто што би го направило проектот за Суперлигата бесмислен. Според него, токму околу стриминг платформата Unify разговорите со УЕФА стигнале до најнапредната фаза.