Суплементи колаген / Фото: Pexels

Колку суплементите со колаген навистина делуваат во забавувањето на стареењето?

Колагенот е една од основните градбени компоненти на телото. Составен е од аминокиселини што се апсорбираат преку протеините што ги внесуваме со храна, а постојат повеќе од 20 подтипови кои се наоѓаат насекаде – од коските и мускулите, до органите, пишува „Гардијан“.

Типовите I, II и III се најзастапени во кожата, ‘рскавицата и сврзното ткиво, и имаат клучна улога во поддршката на цврстината и еластичноста на телото.

Во последните години, колагенот стана познат како протеинот кој ја одржува кожата млада, а промоторите на колаген во прав и таблети ветуваат дека овие суплементи ги забавуваат знаците на стареење, но има ли вистина во овие тврдења?

Д-р Афшин Мосахеби, професор по пластична хирургија на Универзитетскиот колеџ во Лондон, вели дека науката е „скептична“ во врска со тоа, поради недостаток на големи и рецензирани студии.

„Нема директни докази дека колагенот, земен самостојно, може да направи нешто повеќе од тоа да обезбеди доволно протеини“, вели д-р Мосахеби.

Тој потврдува дека со стареењето нивото на колаген се менува, што доведува до „нагужвана“ и помалку цврста кожа, но дека е погрешно да се претпостави дека земањето суплементи со колаген е едноставно решение.

„Кога ќе изедете нешто или ќе проголтате таблета со колаген, тоа не оди директно до вашата кожа. Секако, дел од содржината ќе се апсорбира и ќе се искористи за обновување на кожата, но не оди сè директно од устата до лицето и брчките“, додава тој.

Истакнува дека и користењето производи за нега на кожа кои содржат колаген нема да направи долгорочна разлика во процесот на стареење, бидејќи тие „не продираат длабоко во кожата“.

Д-р Мосахеби вели дека процесот на стареење најмногу зависи од генетиката (на пример, чувствителна светла кожа) и од начинот на живот.

Неговите совети за забавување на стареењето вклучуваат: урамнотежена исхрана со доволно протеини, избегнување на сонце, непушење, добра хидратација и користење на производи кои содржат состојки што го одржуваат тонусот на кожата, како што е хијалуронската киселина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот