
Колку сме дезинформирани за протестите во Белград
Провладините српски таблоиди, поединечни телевизиски станици со национална фреквенција и многу портали презентираа низа дезинформации и манипулации известувајќи за протестите во Белград. Во обид да ги дискредитираат учесниците на протестот и да го намалат бројот на луѓе кои излегоа на улиците на Белград поради реакцијата на државата на двете масовни убиства во основно училиште во Белград и селата во близина на Младеновац, провладините медиуми и таблоиди или ги игнорираа настаните или презентираа дезинформации, манипулираа со видео снимки, ги навредуваа граѓаните. Монтирана фотографија на која се гледаат повеќе луѓе отколку што навистина беа присутни на првиот протест објавија и претставниците на опозицијата. Набрзо ја избришаа и се извинија.
Препорачано
По двете масовни убиства, на 3 и 4 мај, во кои загинаа 18 деца и млади луѓе, граѓаните на Белград и на повеќе градови во Србија излегоа на улиците за на протестот „Србија против насилството“ да го изразат своето незадоволство од реакцијата на властите на овие случувања, но и од севкупната ситуација во земјата. Првата прошетка низ Белград на која повикаа претставници на опозицијата, а која повеќе наликуваше на комеморативен собир, се одржа во понеделникот на 8 мај, додека вториот и третиот протест се одржаа на 12 и 19 мај. Од протест во протест се зголемуваше бројот на луѓе на улиците на главниот град, па на последниот се собраа повеќе десетици илјади граѓани.
Но граѓаните на Србија кои се информираат преку дел од медиумите, кои читаат таблоиди и гледаат телевизии со национална фреквенција, не можеа да ја видат вистинската слика од митингот, туку гледаа снимки од речиси празното плато пред српскиот парламент и слушна за неуспешен митинг, за „толпа што му се заканува на претседателот“, за пијани учесници на протестот, насилници кои ги малтретираат своите сограѓани со запирање на сообраќајот.
„Ако козата лаже, рогот не лаже
За време на последниот протест, на кој се собраа најголем број граѓани, телевизијата Пинк, која има национална фреквенција, имаше специјална тричасовна емисија, со редовни аналитичари во студиото на новинарот Предраг Сарапа. Главната порака што сакаа да ја испратат беше дека протестот е всушност обид за насилно преземање на власта и државен удар и дека на митингот имало малку луѓе.
Шоуто започна со извештај и снимки од друг собир одржан истиот ден, на 19 мај, собир на Александар Вучиќ во Панчево, а гостите на Пинк пренесоа наводни полициски проценки дека во Панчево имало 30.000 поддржувачи на Вучиќ, а пред Собранието имало околу 10.000 луѓе.
„Ако козата лаже, рогот не. Ако лаже Драган Ј. Вучиќевиќ, дронот на Митровиќ не лаже“.
Со тие зборови аналитичарите ја коментираа снимката од дрон на Пинк, која беше емитувана така за да создаде впечаток дека пред српското Собрание на плоштадот Никола Пашиќ, како и на Газела има малку луѓе.
„Ова изгледа како Газела да е блокирана од случајни минувачи“, се слушна на ТВ Пинк, проследено со зумирана снимка која прави да делува како да нема многу луѓе на мостот.
Аналитичарите оценија дека учесниците на протестот сакаат да ги блокираат инвестициите кои доаѓаат во Србија и со тоа да ја „пресечат гранката на која сите седиме“, како и да испратат лоша слика за Србија во регионот и светот. Посочија дека граѓаните на улиците се насилници кои малтретираат сограѓани, блокираат меѓународни сообраќајници и не дозволуваат да поминуваат возила на брзата помош. Беа емитувани и фотографии од поединци кои беа на протестот, проследени со прашањето што ги поврзува „најлошите осудени насилници“, „радикалните десничари“ и „радикалните левичари“, а потоа и одговорот: „омразата кон Вучиќ“.
Како информираше јавниот сервис
Јавниот сервис информира за протестот на 19 мај во 11-та минута од Дневникот 2, со вклучување на репортер од пред Собранието, во момент кога граѓаните веќе се разотидоа и се упатија кон Газела и Бранков мост, што репортерката го кажа во текот на вклучувањето.
Беше пренесен и дел од говорот на Јелена Михајловиќ, која им се обрати на насобраните граѓани, без објаснување која е и зошто зборува (таа е една од мајките од Пеќина на чие дете не му е овозможено да оди во градинка), како и видео снимки од протестот пред парламентот. РТС за протестот на 12 мај извести во деветтата минута, со вклучување на репортер од мостарската клучка, но тонот беше многу лош поради, како што беше наведено, технички проблеми и оптоварувањето на базните станици. Ниту второто вклучување не беше подобро, па гледачите на РТС не можеа да добијат многу информации за протестот што се одржа тоа попладне во Белград.
Порталите за протестите известуваа согласно својата политика
Така, по првиот протест, на одредени портали кои не ја поддржуваат политиката на власта, можеше да се прочита дека во Белград се собрале 50.000 луѓе, што е претерано зголемена бројка. Некои медиуми, пак, оценија дека сите три протести пропаднале бидејќи немало многу присутни, прикажувајќи фотографии или од почетокот на протестот, кога на платото пред парламентот немало луѓе, или откако демонстрантите си заминале.
Одредени портали ги следеа настаните од минута во минута, а на нивните блогови читателите можеа да ги прочитаат следните наслови: „Инциденти и закани, политички собир“, „Опозицијата закачи срамен транспарент на зградата на Владата“, „Н1 и Данас ги навредија граѓаните на Србија и сите што мислат поразлично од нив“, „Непримерно однесување“, „Повторно алкохол на протестот“, „Припадници на дел од опозицијата и натаму го чекаат идеологот на протестот, уредникот на Таблоид, Милован Бркиќ“.
Слични наслови и содржини беа објавени на многу провладини портали, на кои не можеше многу да се прочита за масовноста на протестите и барањата на граѓаните, туку наместо тоа беа објавени дезинформации, манипулативни фотографии и видеа, додека некои непримерни изјави на присутните (како онаа на Милован Бркиќ за претседателот на Србија) беа искористени за да им се припишат на сите учесници на протестот.
И опозицијата сподели лажна фотографија
Сепак, некои организатори на протестот, меѓу кои и Драган Ѓилас и Мариника Тепиќ, споделија монтирана фотографија на која се гледаат голем број демонстранти пред српскиот парламент. Тие ја избришаа фотографијата и се извинија, но нивната грешка ја искористија властите и провладините медиуми, кои на основа на тоа докажуваа дека опозицијата „лаже и краде“.
Протестите низ призма на медиумите
И додека дневниот весник Данас најголемиот дел од насловната страница го посвети на протестите од 19 мај под наслов „Граѓаните на улица, земјоделците во блокада“, на насловните страници на Блиц и Вечерње новости протестите не се ни спомнати. Информер објави дека Газела била блокирана од 10.000 хејтери, додека на митингот на Вучиќ во Панчево имало 30.000 луѓе. И Курир пишуваше за блокадата на Газела и Бранков мост, заедно со пораката на Вучиќ од средбата во Панчево дека нема предавање. Слично пишуваше и Српски телеграф. Ало објави дека во тек е „Тотален напад врз Србија“ во кој учествуваат странски лобисти, Курти и опозицијата.
Извор : Demostat Автор: Тамара Бајчиќ