
Кој ќе учествува на „Руската Евровизија“? Промовира традиција, забранети се ЛГБТ+ и политички теми
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за формирање на нов меѓународен музички натпревар кој е алтернатива на европскиот избор за песна на Евровизија, наречен Интервизија.
Препорачано
Оваа одлука дојде по две години од нивното неучество на Евровизија, поради војната што ја водат со Украина.
Патем, натпреварот „Интервизија“ постоеше за време на Советскиот Сојуз, кога исто така претставуваше алтернатива на „Евросонг“. Путин рече дека натпреварот ќе помогне „да се спротивстави на декаденцијата на модерната западна култура“.
Натпреварот се одржувал во Полска и тогашна Чехословачка, а вклучувал и натпреварувачи од неевропски земји, вклучувајќи ги и комунистичките сојузници на Москва, како Куба. Многумина го сметале за симбол на советската отвореност кон светот по смртта на диктаторот Јосиф Висарионович Сталин.
Финска, која се обидуваше да одржи неутралност за време на Студената војна, беше една од ретките земји што учествуваше и на Евровизија и на Интервизија, со своите изведувачи во двете конкуренции.
Минатата година, претставникот на Путин за меѓународна културна соработка, Михаил Швидкој, изјави дека натпреварот ќе се одржи во септември 2025 година и дека „речиси 20 земји“ се подготвени да учествуваат, вклучително и членки на БРИКС, како и членки на Заедницата на независни држави, во која спаѓаат и поранешните земји на СССР блиски до Москва. Датумот сѐ уште не е објавен, но шпекулациите се дека тоа ќе биде во септември 2025 година.
„Интервизија“ годинава ќе се одржи во Москва, а се очекува да учествуваат земји како Кина, Куба, Индија, Бразил, Латинска Америка, како и поранешните советски републики како Казахстан, Азербејџан и Белорусија.
Натпреварот, кој првпат беше организиран во 1960-тите како одговор на Евровизија, повторно ќе ги собере земјите кои споделуваат слични културни и политички вредности.
Во организацијата на натпреварот се вклучени високи функционери, а Путин побара од Кремљ и владините претставници да се подготват за настанот. Според документите што ги прегледа Ројтерс, на Интервизијата ќе учествуваат сите заинтересирани, но ќе се стави акцент на почитување на традиционалните, универзалните, духовните и семејните вредности. Натпреварувачите нема да можат да изведуваат песни кои повикуваат на насилство или содржат политички теми.
Дополнително, Русија донесе строги закони со кои се забранува какво било промовирање на хомосексуалноста, а движењето ЛГБТК+ во земјата се смета за екстремистичка организација.
Администрацијата на Путин се обидува да ја прикаже Русија како бранител на традиционалните семејни вредности, спротивставувајќи се, како што тврди, на прекумерниот индивидуализам и губењето на почитта кон религиозните традиции кои западната култура ги прифатила. Во овој контекст, Интервизијата би требало да биде контраст на Евровизија, која често вклучува ЛГБТ+ теми.