
Кој функционер платил казна и не го дал сертификатот по англиски на увид во Антикорупциска?
Уште една интересна одлука објавена на страницата на Антикорупциска комисија покажува дека имало функционер именуван од страна на Собранието, кој во Антикорупциска Комисија не го доставил својот сертификат за познавање англиски јазик, откако бил анонимно пријавен дека му е наводно спорен сертификатот.
Препорачано
Непознатиот пријавител до Антикорупциската комисија на 30 јануари 2020 година пријавил дека се сомнева дека функционер бил избран на функција со избор во Собранието – со наводно незаконски стекнат сертификат по англиски јазик. Ваквите наводи Антикорупциска три години се обидувала да ги провери ама без успех – функционерот не им го испраќал сертификатот на увид, а Собранието истакнало дека го нема документот бидејќи по изборот – му го вратиле!
Деновиве станува многу актуелно прашањето околу јазичните сертификати по англиски јазик откако една поранешна и една сегашна актуелна директорка, признале на суд дека сертификатот за англиски им е фалсификуван, а на него стоело дека е „издаден“ од установата „Јулија Цо.ЛТД“ од Пловдив, Бугарија. Обвинителството отвори предмет да го испитува и сертификатот по англиски јазик и на директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, кој бил од правен субјект со исто име – „Јулија Цо. ЛТД“.
Но, состојбата како малку да спласна, кога премиерот Христијан Мицкоски, од собраниска говорница минатата недела направи неочекуван потег во Собранието – извади папка во која рече дека се наоѓаат „слични сертификати по англиски јазик од директорите назначени од СДСМ“ и дека тие ќе му ги даде на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Ќе ви дадам сличен сертификат од личноста која седи до вас. Знаете колку има такви сертификати?, му рече Мицкоски на Венко Филипче што наиде на извикување и восхит од некои од пратениците во салата.
Потоа, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека МВР ќе ги проверува информациите за 500 функционери за кои постојат „индиции дека сториле нешто што не е во согласност со законските прописи“, а поврзано со документи при нивен избор.