
Кој е Себастијан Лекорну, доверливиот сојузник на Макрон?
Себастијан Лекорну, 39-годишен политичар, е новиот премиер на Франција по изборот на претседателот Емануел Макрон. Неговиот подем не е ненадеен – тој е единствениот министер кој остана во владата од 2017 година наваму, преживувајќи повеќе реконструкции и предвремени избори, пишува бриселски Политико.
Препорачано
Кариерата ја започнал со само 19 години како најмладиот парламентарен асистент во земјата, а со текот на времето успеал да изгради имиџ на вешт и лојален политичар. Иако до неодамна тврдеше дека нема амбиции да стане премиер, Лекорну се позиционираше како фигура со стабилни односи во повеќе политички кругови.
Вешт политички тактичар и архитект на военото зајакнување
Лекорну важи за искусен и лукав оперативец – знае кога да избегне одговор без да остави впечаток на дистанцираност. Во јавноста одржува низок профил, но во одбранбената сфера се изгради како клучна личност. Откако Русија ја започна инвазијата врз Украина во 2022 година, тој стана лицето на француското воено зајакнување.
Минатата година го предводеше донесувањето на законот за воено планирање што предвидува историски буџет од 413 милијарди евра за периодот 2024–2030. Неговата улога како резервист во Националната жандармерија дополнително ја нагласува врската со армијата.
Меѓу националниот суверенитет и европските предизвици
Иако во билатералните односи со колеги, особено со германскиот министер Борис Писториус, покажува силни врски, Лекорну ретко се истакнува на европската сцена. Неговата скепса кон институциите на ЕУ, особено Европската комисија, често е забележана.
Како страствен поддржувач на францускиот суверенитет, тој често се повикува на наследството на Шарл де Гол. Оваа позиција може да донесе нови тензии во односите Париз–Брисел, но и да му обезбеди дополнителна поддршка кај гласачите кои ја ценат идејата за посилна и поавтономна Франција.