
ВИДЕО | Кој дозволува подрум да стане магацин и уште колку вакви простории се потенцијален извор на пожари?
Над стотина лица се евакуирани, а 43 лица побарале медицинска помош во пожарот кој ноќта меѓу среда и четврток избувна во подрумски простории во зграда во Чаир. Се уште не познато од што бил предизвикан пожарот во подрумските простории каде се наоѓал магацин на фирма полн со пластики и електронски уреди. Два дена по пожарот се поставува прашањето кој дозволува и уште колку подрумски простории се потенцијален извор на пожари?
Препорачано
Од општина Чаир засега нема информации дали сопственикот на компанијата имал добиено дозвола за користење на подрумските простории како магацин.
Слободен печат разговораше со брокери за недвижности, кои тврдат дека за да една просторија стане магацин мора да има посебна дозвола од општината во која се наоѓа зградата.
„Кога се купува плац има маркица според која може да се гради, магацин, зграда, хотел и слично. Ако таму е дозволено А2 маркица за зграда под земја може да има гаражи, подруми и следните спратови се станови. Доколку станува збор за Б1 маркица тогаш станува збор за дуќани“, велат брокери за Слободен печат.
Под зграда да направил пренамена и не можш да градиш магацин… тоа е беззаконски.
За сериозноста на пожарот, покажува фактот што огнената стихија се гаснеше повеќе од 30 часа, а пожарникарите и во наредните денови треба будно да ја следат состојбата за пожарот да не избувне повторно.
Пожарникарите иако стигнале на терен, за да почнат со гаснење им требало половина час, чекајќи ја пајак службата да ги помести непрописно паркираните возила.
Во изјава за Слободен печат, еден од пожарникарите кои неуморно го гаснеа пожарот вели дека ваков пожар во затворена просторија досега немало и истиот бил многу тежок за гаснење.
„Информацијата за пожарот е добиена во 2 часот по полноќ. На лице место дел од колегите пристапија до просториите за да се намали горењето, додека пак дел од колегите ги евакуираа цивилите. Поради материјата која гореше, чадот беше доста густ. Тој брзо се ширеше преку отворите на лифтот и вентилацијата, при што немаше воопшто видливост. Во ходниците имаше густ и темен чад. Станарите кои живеат на подолните спратови, претежно мали деца и стари лица успеавме преку скалите на зградата да ги евакуираме, а станарите од погорните спратови ги однесовме на поткровјето. На истите им се однесени вода и ќебиња, а во меѓувреме работевме за нивна евакуација. “, вели пожарникар од скопската противпожарна бригада.
Запалената пластика предизвикала многу високи температури по што дошло до сериозно оштетување на бетонската конструкција на зградата, што значи дека е нарушена и статиката на целата зграда,.
За среќа во пожарот нема човечки жртви, а станарите кои побарале лекарска помош се во стабилна состојба и пуштени на домашно лекување. На Клиниката за токсикологија се обратиле околу триесет лица со типични симптоми на труење од чад, додека пак на Детската клиника биле донесени 12 деца, најмалото на петмесечна, а најголемото на 11-годишна возраст. Сите имале симптоми на труење со чад.
Во гаснењето на пожарот биле вклучени 20 пожарникари со седум противпожарни возила, и специјално противпожарно армиско возило кој им помагаше на пожарникарите во справувањето со огнената стихија.
Екипа на „Слободен печат“ и денес беше на терен. Она што го забележа е присуство на пожарникарски возила и пожарникари кои будно ја следат состојбата во зградата за да не се повтори пожарот.