Кој членува во Комисијата за заразни болести од која зависи се

Лекови за ковидЕвропската агенција за лекови (ЕМА) одобри уште два лека за лекување на Ковид-19/ EFE/ORESTIS PANAGIOTOU

Кога ќе почнат да се олабавуваат мерките, дали ќе почнат да работат градинките, кога ќе се отворат рестораните, ќе има ли избори ли на почетокот на летото, ова се само дел од прашањата за кои очите на јавноста се вперени кон Комисијата за заразни заболувања. Иако одлуките ги носи Владата, сепак иницијативата доаѓа од ова тело. Но досега многу ретко член од оваа комисија излегол на прес коференција за да ги објасни одлуките, предлозите и да одговори на многубројните прашања и дилеми кои секојдневно се појавуваат  во јавноста. Тоа, во име на комисијата го прави министерот Филипче, поради борбата со лажните вести и дезинформациите.

Во последниве десетина години сме имале неколку епидемии, но никогаш до сега информирањето не било така централизирано во еден човек, напротив, на одговор на новинарските прашања секогаш бил достапен претседателот на комисијата, епидемиолозите и другите експерти. Но, факт е и дека досега немало толку лажни вести и шпекулации.

Од МЗ велат дека членовите на Комисијата се избрани од редот на истакнати стручњаци од областа на епидемиологијата, инфектологијата, микробиологијата, педијатријата, ветерината и други специјалности.

За претседател на Комисијата е назначен проф. д-р. Миле Босилковски од ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби-Скопје. Тој, иако понекогаш одговара на телефонските јавувања на новинарите, сепак ниту еднаш не се појавил на прес коференција. Оваа комисија во време на епидемијата на свинскиот грип, од која имаше исто така голем број за заболени и смртни случаи, ја водеше д-р Јованка Костова, тогаш вработена во Министерството за здравство, сега пензионер,  која секојдневно и неуморно одговараше на новинарските прашања и на шега велеше „и во продавница кога одам луѓето за грипот ме прашуваат“. Како изгледа Босилковски, ретко кој знае.

За секретар на Комисијата е назначена д-р. Кристина Ставридис од Институт за јавно здравје каде е дел од одделението за имунизација.

Членови на Комисијата за заразни болести се и д-р Зоран Стојановски и примариус Сузана Манева од Министерство за здравство, кои досега не дале ниту една изјава, потоа прим. др. Жарко Караџовски и д-р Владимир Миќиќ од Институтот за јавно здравје кои на почетокот на епидемијата беа малку подостапни за новинарите, а сега навистина ретко се добиваат. Дел од комисијата е и д-р Милена Стевановиќ, директорка на  Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби-Скопје како и д-р. Илир Демири, кој е лекар во оваа клиника, кој работи токму со пациентите со ковид-19.

Во комисијата членуваат и д-р Наташа Најдановска-Алуловска педијатар и директор на Универзитетска клиника за детски болести, д-р Виктор Исјановски психијатар и директор на Здравствен дом-Скопје како и проф. д-р. Милена Петровска искусен микробиолог од Институт за микробиологија и паразитологија, Медицински факултет-Скопје.

Центар за јавно здравје-Скопје е преставен од прим. д-р. Александар Стојанов, кој исто така има долгогодишно искуство во областа на епидемиологијата.

Во ова тело има и двајца претставници на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, директорката д-р Иринка Сотирова Бухова, кој е многу подостапна за информации во однос на сите други членови како и редовно присутна на прес коференциите на Инспекторатот и д-р. Лилјана Деспотовска Ристовска.

Во Комисијата за заразни заболувања има и двајца претставници од Агенција за храна и ветеринарство, Ванчо Новоселски и Грета Николовска како и м-р Марија Милкова од Центар за управување со кризи, кои не и се познати на јавноста.

Како надворешен член на Комисијата е одредена Арта Кули координатор во Канцеларијата на Светската здравствена организација-Скопје.

Последните кадровски измени во Комисијата за заразни болести се извршени на 15 март со одлука на Влада. Членовите на Комисијата функционираат на про боно основа. Оваа Комисија постои откога постои Министерството за здравство како засебен орган во државната управа и таа досега се справувала со сите епидемии во државата, а првпат со пандемија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот