
Кои раси на мачки живеат најдолго: Научниците конечно одговорија на важно прашање
Бурманските и бирманските мачки имаат најдолг животен век, додека мачките сфинкс во просек живеат најкратко, покажа новото истражување на британските научници.
Препорачано
Студијата објавена претходно овој месец во „Journal of Feline Medicine and Surgery“ испитала речиси 8.000 домашни миленици во Велика Британија кои угинале помеѓу јануари 2019 и март 2021 година.
– Главна мотивација ни беше да ги користиме податоците, за да ги поттикнеме луѓето да донесуваат информирани одлуки за здравствената заштита на нивните мачки – рекол за „Лајф саенс“ (Live Science) еден од авторите на студијата, Ден О’Нил, епидемиолог од Кралскиот ветеринарен колеџ во Лондон.
Домашните миленици во Британија живеат во просек 11,7 години, открила студијата, а севкупно гледано, мешаните мачки живеат во просек година ипол подолго од чистокрвните, расни мачки.
Бурманските и бирманските мачки во просек живееле најдолго – дури 14,4 години, додека очекувано животниот век на мачките сфинкс бил двојно пократок – 6,7 години, веројатно поради генетската предиспозиција за болести на срцето и други состојби.
И други фактори, покрај расата, придонесуваат за очекуваниот животен век на мачката. На пример, женките живеат во просек 1,3 години подолго од мажјаците, а истото важи и за стерилизираните миленици.
Резултатите од истражувањето им даваат можност на сопствениците на мачки да ги земат предвид при донесувањето важни одлуки, како што е изборот на домашен миленик од прифатилиште, вели една од авторките на студијата, Кенди Тенг, епидемиолог за мали животни од Универзитетот Чанг Синг во Тајван.
Тенг вели дека многу луѓе емотивно реагирале на оваа студија.
– Многу луѓе рекоа: „Времето поминува толку брзо. Морам подобро да се однесувам кон моите мачки или да го ценам времето што го имаме“ – рекла Тенг.