Фото: EPA/EFE / Katerina Klochko

Кога небото станува бојно поле: дали НАТО е подготвен за директен судир со Москва?

Идејата за воспоставување зона на забранети летови над Украина повторно ја разгоре геополитичката дебата меѓу Москва и Западот. Додека Киев и дел од европските сојузници бараат поцврсти безбедносни гаранции, Русија отворено предупредува дека секој обид за соборување на нејзини беспилотни летала ќе се толкува како директен чин на војна.

Така, прашањето за контролата на украинското небо станува симбол на пошироката дилема: дали НАТО е подготвен да го зголеми ризикот од ескалација за да ја заштити Украина, или пак ќе остане во рамките на ограничена поддршка за да избегне директна конфронтација со Москва.

Архива на СП

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, предупреди дека спроведувањето на идејата за создавање зона забранета за летови над Украина неизбежно би довело до директен вооружен конфликт меѓу НАТО и Русија. Според него, таквата одлука би подразбирала соборување на руски беспилотни летала од страна на алијансата, што „значи само едно – војна“.

НАТО ќе го затвори небото над Западна Украина?

„Сериозно кажано, провокативната идеја на Киев и другите идиоти за создавање „зона забранета за летови над Украина“ и можноста земјите од НАТО да ги соборат нашите беспилотни летала ќе значи само едно – војна меѓу НАТО и Русија. Работите треба да се нарекуваат со своето вистинско име“, рече Медведев на Телеграм.

Кремљ: НАТО е веќе вклучен во војната

Неговите зборови ги потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој на редовниот брифинг нагласи дека Северноатлантската алијанса веќе е „де факто“ во војна со Русија.

Медведев предупредува: Зона на забранети летови над Украина би значела војна меѓу НАТО и Русија

„НАТО е во војна со Русија. Ова е очигледно и не бара докази. Алијансата директно и индиректно обезбедува воена и техничка поддршка на Киев“, рече Песков.

Варшава наговестува затворање на небото

Реакциите во Москва следеа по изјавите на полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, кој оцени дека НАТО е технички способен да го затвори небото над Украина. Сепак, како што нагласи, Полска не може да ја донесе таа одлука сама, туку само во договор со своите сојузници.

„Технички, би можеле да го направиме тоа, но тоа не е одлука на Полска. Ако Украина побара од нас да соборуваме беспилотни летала над нејзина територија, тоа би ни било корисно. Јас лично мислам дека треба да размислиме за тоа“, рече Сикорски, додавајќи дека ЕУ не е подготвена за отворена војна со Русија.

Тој исто така истакна дека „нема ништо поопасно од давање безбедносни гаранции кои не се сигурни“, предупредувајќи дека во моментов нема европски земји кои би сакале директно да влезат во вооружен конфликт со Москва.

Москва одговара

Официјалната претставничка на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, ги оцени изјавите на Сикорски како признание за ограничената подготвеност на Западот навистина да се заложи за Киев.

„Ова се тие видови „гаранции за безбедност“. Ова требаше да се препознае порано, кога истите овие западни политичари ги заведуваа Украинците со говори за „западен курс“, напиша Захарова.

Дебатата за зоната на забранети летови повторно оживеа по инцидентите со беспилотни летала што паднаа на територијата на Полска на 10 септември. Весникот „Жечпосполита“ објави дека имало најмалку 23 беспилотни летала, а Варшава веднаш ја обвини Русија. Министерството за одбрана во Москва го негираше ова, наведувајќи дека употребените беспилотни летала немале дострел поголем од 700 километри. Сличен случај објави и Романија на 13 септември, тврдејќи дека беспилотно летало го нарушило нејзиниот воздушен простор.

НАТО го зајакнува источниот фронт

Како одговор, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, објави започнување на операцијата „Источна гарда“ за зајакнување на источното крило на алијансата, со учество на Данска, Франција, Велика Британија и Германија. Медведев ја нарече таа иницијатива „забавна“, тврдејќи дека „тоа е сè што останало од поранешната коалиција на добронамерните“.

Изјавите на Медведев, Песков и Захарова ја потврдуваат линијата на Москва дека секој обид за воведување зона на забранети летови ќе се смета за директен напад врз Русија, со потенцијал да предизвика широка војна.

На Запад, пак, и покрај декларативната подготвеност за поддршка на Украина, преовладува воздржаност и страв од ескалација во отворен конфликт со Москва. Затоа, дебатата околу затворањето на украинското небо повеќе служи како политички сигнал и средство за притисок, отколку како реална опција за спроведување во догледно време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот