Книги од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски со промоција на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ

Во рамките на традиционалната соработка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и Општина Охрид, на 22 август, на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ ќе бидат промовирани книгите „Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски и „Славе Ѓорѓо Димоски во книжевната критика (македонска и светска)“ од проф. д-р Димитар Пандев.

Промоцијата ќе се одржи во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, со почеток во 20 часот. Пред присутните ќе се обрати и претставник на Општина Охрид, а промотор на двете изданија ќе биде ас. м-р Иван Антоновски.

Изминативе години, на летните школи на МСМЈЛК при УКИМ, пред семинаристите – странски македонисти и слависти, редовно се промовираат изданијата на Општина Охрид кои се важни за македонската книжевност и култура, а за сите учесници, редовно, Општината обезбедува и бесплатни примероци кои потоа стануваат дел од славистичките библиотеки на универзитетите ширум светот.

Преку едната од книгите кои ќе бидат промовирани, странските слависти и македонисти, особено оние од помладите генерации ќе можат подетално да се запознаат со она што е напишано за светите Климент и Наум Охридски во науката од почетокот на славистиката па наваму, вклучително и за нивното значење за просветителската дејност на македонското тло, и воопшто во словенскиот свет, а од друга страна и со присуството на култот кон светите браќа засведочен во македонската книжевност – народна и авторска.

Преку другата книга во која на 370 страници се поместени осврти, текстови и други објави од книжевната критика за поезијата, книгите и воопшто творештвото на Славе Ѓорѓо Димоски, семинаристите ќе можат подетално да се запознаат со вредностите на опусот на еден од најистакнатите современи македонски поети, а некои од нив и да ги надградат своите досегашни сознанија, имајќи ги предвид присуството на творештвото на Димоски во наставата на некои странски универзитети и преводите од неговата поезија на триесет јазици.

Покрај преку овој настан, годинава, Општина Охрид дава поддршка на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ и со тоа што за сите семинаристи од 18 држави ќе организира и посета на дел од културното наследство на градот Охрид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот