
Книгата „Меѓукнижевни дијалози“ со есеи и критики на Анастасија Ѓурчинова излезе во Италија
Неодамна во Италија излезе книгата есеи и критики од Анастасија Ѓурчинова под наслов „Dialoghi interletterari“ („Меѓукнижевни дијалози“), со поднаслов „Saggi italo-macedoni“ („Италијанско-македонски есеи“).
Препорачано
Станува збор за избор од триесетина критичко-есеистички текстови на авторката, во нејзин автопревод од македонски на италијански јазик. Статиите се подредени во три тематски поглавја: „Интеркултурни дискурси (Балканот и Медитеранот)“, „Книжевен превод и рецепција“ и „Вкрстени погледи (италијанско-македонски теми)“.
Текстовите од оваа книга третираат различни теми од областа на компаративната книжевност, културологијата и преведувачките студии. Низ нејзините страници се анализираат дела на некои славни италијански писатели, како Данте, Ариосто, Монтале, Гинзбург, Магрис и Санвинети, заедно со македонските Прличев, Конески, Малески, Старова и други. Преку нивните меѓукнижевни дијалози се покажува дека јазиците и културите се отворени слободно да се поврзуваат, да се вкрстуваат и успешно да комуницираат едни со други.
Книгата ја објави издавачката куќа „Беса-Мучи“ од Лече, која е, главно, специјализирана за преводи на дела од балканските литератури во Италија, а која во изминативе години објави и поголем број дела од македонските автори, како Влада Урошевиќ, Катица Ќулавкова, Александар Прокопиев, Жарко Кујунџиски, Живко Грозданоски.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 279, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.5.2025)