Насловна корица на книгата „Гледна точка“ на Јани Бојаџи

Книгата „Гледна точка“ на Јани Бојаџи е пишувана со љубов и страст кон филмот и уметноста на екранот

Во Кинотеката на Македонија, на 21 јануари, со почеток од 19 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Гледна точка“ на авторот Јани Бојаџи, македонски филмски режисер, продуцент и сценарист.

„Дали навистина сум таков во текот на работа на сет или, пак, можеби не сосема? Со нетрпение чекам да видам дали е така како што сум пишувал?“, истакнува Бојаџи во најавата за промоцијата на книгата.

Водител на настанот ќе биде Александар Русјаков, а искуства ќе споделат и неколку актери, директори на фотографија и монтажери, соработници на Бојаџи.

Авторот најавува и специјално изненадување за сите кои ќе дојдат на промоцијата и ќе бидат дел од забавата. Ќе биде прикажан трејлер од долгочекуваниот нов проект „Утре наутро“!

– Книгата „Гледна точка“ навидум зборува за работи за кои зборуваат, повеќе или помалку, на овој или оној начин, и сите многубројни учебници по режија и слични прирачници: основите на филмската режија, работата на режисерот, соработката со кинематограферот, со продуцентите, актерите итн. Но, она што ја прави оваа книга посебна, специфична, е тоа што таа е сосема лично видување на авторот на сите овие процеси, кое произлегува од неговото образование и досегашното работно искуство на филмот и телевизијата. Оттаму, и јазикот на книгата е искрен, отворен и авторот без задршки, храбро, анализира многубројни теми кои влегуваат во неговиот фокус, изнесувајќи сосема лични ставови и констатации. Оттаму, не случајно и книгата завршува со ставот на авторот: „Ова е мојата гледна точка!“ – напиша д-р Атанас Чупоски во својата рецензија на книгата.

Јани Бојаџи е познат македонски режисер, продуцент и сценарист, кој зад себе има повеќе од десетици филмски и телевизиски проекти. Тој е доктор на науки, професор по филмска и телевизиска режија на Интернационален универзитет „Еуропа Прима“, и од 2019 година е директор на Телевизија Алфа. Во 2013 година се вработил во ТВ Канал 5, каде бил режисер, сценарист и извршен продуцент на серијалот „Македонски народни приказни“ и на играни и документарни филмови, каде работел до 2017 година.

Во март 2023 година, Бојаџи станува основач на платформата „Кинемое“, која е наменета за македонска продукција за филмови и серии. Тој е директор на Фестивалот „Преку езерото“, кој се одржува еднаш годишно во Дојран од 2023 година. Бојаџи има напишано повеќе од 50 колумни за весникот „Нова Македонија“, за театар и филм.

Тој им се заблагодарува на сите кои биле причина и инспирација да го создаде своето авторско дело „Гледна точка“ од триста и кусур страници пишувани со љубов и страст кон филмот и уметноста на екранот, во безмалку три, за, како што вели, многу лути и, во исто време, многу слатки години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!