Постер за промоцијата во Скопје

Книгата „30 современи грчки автори“ ќе има промоција во Скопје, а потоа и во Атина

Четири грчки поети ќе бидат гости на промоција на книгата со поезија со наслов „30 современи грчки автори“ во рамки на дополнителната програма на фестивалот „Про-за Балкан“. Настанот ќе се одржи на 26 септември, во 20 часот, во „Аудиокултура“ во Скопје. Истата книга ќе има промоција и во Атина, на 29 септември.

Книгата „30 современи грчки автори“ содржи препев на 30 песни од автори од Грција, во избор издавачката куќа „Вакхикон“. Според зборовите на уредникот на „Вакхикон“, Несторас Пулакос, ова е збирка што ќе ја долови богатата поетска продукција, но и ќе ги прикаже трендовите на поетската сцена во Грција. Препевот на книгата на македонски јазик е на Петар Андоновски.

На промоцијата во Скопје ќе учествуваат Хрисанти Иакову, Ефтихија Кателанаки, Манос Мавромустакакис и Никос Влахакис, истакнати поети, чии песни се застапени во книгата. За книгата издадена од „Прозарт медиа“, уредникот Дејан Трајкоски напиша:

„Книгата ‘30 современи грчки автори’ е место каде што се нанижани звуци и тишини, врската помеѓу тајната и времето и фактот дека луѓето насекаде се сакаат и мразат на ист начин. Прочитајте 30 грчки поети, сите објавени од реномираниот издавач ‘Вакхикон’, како пеат за товарот на осаменоста, удавените зборови, претопувањата на осаменоста со кожата. При потрагата по пукнатина од која ќе блесне светлината, по неба отворени за вистини што се осмелуваат да измислат сопствено време и дваесет и петти час за поезија, ова е книга што ќе ви го најде морето во кое ќе се згреете.“

Книгата е објавена со помош на амбасадата на Грција во Скопје и на издавачката куќа „Вакхикон“, а промоцијата се организира во соработка со амбасадата на Грција во Скопје. Модератор на настанот ќе биде Борче Николовски, а за книгата ќе зборуваат Александар Прокопиев и издавачот Дејан Трајкоски.

Промоцијата во Атина, пак, ќе се случи во понеделник, на 29 септември 2025 година, во 19 часот. Книгата „30 современи грчки автори“ ќе биде претставена во книжарницата „Вакхикон“ во Атина. На настанот ќе присуствува и ќе упати поздрав советникот на Амбасадата на Северна Македонија во Грција, Борис Мирчевски. За книгата ќе зборува издавачот, Несторас Пулакос. Поетеси и поети застапени во книгата ќе читаат свои песни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот