
Климатска закана од длабочините – глечерите се повлекуваат, вулканите се будат
Топењето на глечерите би можело да ја зголеми вулканската активност во Северна Америка, Нов Зеланд и Русија, ослободувајќи уште повеќе стакленички гасови во атмосферата.
Препорачано
Според предупредувањата на научниците, топењето на глечерите може да ги направи вулканските ерупции почести и поексплозивни, што дополнително би ги забрзало климатските промени, пишува „Лајв саенс“ (Live science).
Стотици вулкани на Антарктикот, но и во Русија, Нов Зеланд и Северна Америка се наоѓаат под глечерот. Како што планетата се затоплува и овие ледени покривки се топат и се повлекуваат, овие вулкани веројатно ќе станат поактивни, според авторите на нова студија што ја анализирала активноста на шест вулкани во јужно Чиле за време на последното ледено доба.
Истражувачите ги презентираа своите наоди на конференцијата „Голдшмит 2025“ во Прага.
„Глечерите имаат тенденција да го намалат количеството на вулкански ерупции под нив. Но, како што глечерите се повлекуваат поради климатските промени, нашите наоди покажуваат дека вулканите потоа почнуваат да еруптираат почесто и поенергично“, рекол водечкиот автор на студијата, Пабло Морено Јегер, дипломиран студент на Универзитетот во Висконсин-Медисон.
Уште во 70-тите години, научниците претпоставуваа дека топењето на мразот може да влијае на вулканите. Основниот механизам е едноставен – тежината на глечерот врши притисок врз Земјината кора и мантија, па кога мразот исчезнува, гасовите и магмата во внатрешноста се шират, што доведува до зголемување на притисокот и, следствено, експлозивни ерупции.
Познато е дека овој процес веќе драстично го промени Исланд, кој се наоѓа на границата помеѓу северноамериканските и евроазиските тектонски плочи. Уште во 2002 година, научниците пресметаа дека вулканската активност во Исланд нагло се зголемила по повлекувањето на глечерите на крајот од последното ледено доба, пред околу 10.000 години – 30 до 50 пати повеќе отколку пред или по тој период.
Сепак, опасностите скриени во континенталните вулкански системи остануваат слабо истражени. За да го променат тоа, геонаучниците проучувале шест вулкани во јужен Чиле, вклучувајќи го и сега исчезнатиот вулкан Мочо-Чошуенко, и како тие реагирале на топењето на патагониската ледена покривка пред илјадници години.
Користејќи го радиоактивното распаѓање на аргонот ослободен за време на ерупциите како изотопски часовник, и со анализа на кристалите што се формирале во магматските карпи за време на ерупциите, истражувачите успеале да ја следат вулканската активност во регионот и нејзината поврзаност со исчезнувањето на мразот.
Тие откриле дека помеѓу 26.000 и 18.000 години, за време на врвот на последното ледено доба, мразот ја потиснувал еруптивната активност, што довело до акумулација на огромен резервоар на магма под површината. Кога ледената покривка се стопила, притисокот во тој резервоар се зголемил и бил ослободен во ерупција што го формирала вулканот Мочо-Чошуенко.
Овој ризик има глобално ниво: според студија од 2020 година, 245 потенцијално активни вулкани во светот се наоѓаат на помалку од пет километри од ледената маса.
„Клучниот предуслов за зголемена експлозивност е почетното постоење на многу дебел глечер над магматската комора, а активирањето е неговото повлекување – што моментално се случува на места како Антарктикот“, објаснил Морено Јегер.
Тој додаде дека други области на загриженост се Северна Америка, Нов Зеланд и Русија, велејќи дека тие региони „заслужуваат поголемо внимание од научната заедница“.
На краток рок, ерупциите обично ослободуваат сулфатни аеросоли кои ја рефлектираат сончевата светлина назад во вселената. Ова предизвикало студени периоди во минатото, од кои некои довеле до пропаѓање на земјоделските култури и ужасни периоди на глад. Сепак, на долг рок, стакленички гасови од вулканите веројатно ќе ги забрзаат климатските промени, тврдат истражувачите.
„Со текот на времето, кумулативниот ефект од повеќекратни ерупции може да придонесе за долгорочно глобално затоплување поради натрупувањето на стакленички гасови. Ова создава позитивна повратна јамка, каде што топењето на глечерите предизвикува ерупции, а ерупциите потоа придонесуваат за понатамошно затоплување и топење“, рекол Морено Јегер.