Фото: КФСМ

КК Пелистер со барање до КФСМ: Здравјето на кошаркарите е најважно, сакаме да играме во топли сали

Преку своите офцијални канали на социјалните мрежи КК Пелистер испрати барање до КФСМ во кое порачува дека федерацијата треба да ги почитува пропозициите кои самата ги донела.

Барањето на битолскиот клуб најмногу се однесува до затоплувањето во на салите. Во своето соопштение Пелистер истакнува дека ваквата реакција не е против ниту еден клуб или федерацијата, туку е само желба кошарката да оди во вистинската насока.

Во продолжение соопштението ви го пренесуваме во целост:

КК Пелистер денеска испрати официјално барање до КФСМ со една и единствена цел, во вториот дел од сезоната целосно да бидат исполнети пропизициите за натпреварување.
Конкретно, станува збор за делот од пропозициите што се однесува на температурата во салите и останатите технички услови за одигрување на еден натпревар. Сакаме веднаш да ставиме до знаење, нашето барање не се однесува против било кој клуб или федерацијата… мотивот е едноставен – сметаме дека ако кошарката во 2025 година треба да тргне во вистински правец – прв чекор мора да бидат токму основните предуслови за одигрување на средбите, без разлика на годишното време во кое се играат.

Сметаме дека здравјето на играчите треба да биде приоритет на сите клубови, впрочем несакани повреди на кошаркарите ќе чинат поскапо од загревање на салите за одигрување на прволигашките натпревари.

Исто така, навивачите кои ги бодрат сите клубови заслужуваат да имаат нормални услови за да ги гледаат кошаркарските натпревари во Првата лига.
Во нашето барање до федерацијата, во кое се бара само почитување на правилата кои се веќе пропишани од КФСМ, јасно ставаме до знаење дека ако салата во која ќе гостуваме не ги исполнува предусловите, ние тој натпревар нема да го играме.

Исто така, доставуваме предлог до Здружението на прволигаши за промена на системот на делегирање на судии. Според КК Пелистер, а веруваме и во поддршка од голем дел од прволигашите, најфер опција во моментов е да има ждребање на судии за секој натпревар.

Целта е јасна, екипите од првата минута да имаат еднакви шанси за победа, а на крајот да слави тој што е подобар на терен, а не да има случаи како во првиот дел од сезоната со сомнително делегирање да се става дамка на нечии (не)успеси.

Искрено се надеваме дека овие предлози од нашиот клуб ќе бидат прифатени од сите, бидејќи станува збор за суштински промени на подобро, со кои кошарката ќе оди напред.

Со почит,
КК Пелистер

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот