
Ќерките на Тони Бенет го тужат брат им: „Тој заработи милиони на сметка на нашиот татко“
Ќерките на легендарниот џез-пејач Тони Бенет, Антонија и Јохана Бенет, покренаа тужба против својот брат Дени, обвинувајќи го дека незаконски се збогатил на сметка на нивниот татко.
Препорачано
Според судските документи, Дени имал целосна контрола врз финансиите на Бенет пред и по неговата смрт, што му овозможило да оствари огромен профит.
Според тужбата, тој ги искористил слабоста и нарушеното здравје на татко му, кој страдал од Алцхајмерова болест, и презел повеќе овластувања преку кои генерирал милиони долари за себе и за својата компанија. Ќерките наведуваат дека Дени, меѓу другото, ја организирал продажбата на музичкиот каталог и правата на ликот на Бенет, кои пред неговата смрт биле префрлени на компанијата „Иконокласт“.
Ова не е првпат Антонија и Јохана да го тужат брат им. Во јуни 2024 година тие поднесоа слична тужба, во која тврдеа дека Дени земал неосновани провизии и лични заеми, со што значително ја намалил вредноста на имотот што требало да биде еднакво поделен меѓу наследниците. Тие исто така посочија дека им бил ускратен пристап до предмети со сентиментална вредност, вклучително и клавирот што Тони ѝ го оставил на Антонија, а кој подоцна бил пронајден во лоша состојба.
Адвокатите на Дени ги отфрлија обвинувањата, нарекувајќи ги неосновани, и тврдат дека тој постапувал во согласност со желбите на својот татко. Освен Дени, во тужбата се именувани и други членови на семејството, меѓу кои и братот Дагал Деј Бенет и вдовицата на Тони, Сузан Бенет.
Тони Бенет почина на 21 јули 2023 година, на 97-годишна возраст. Во текот на својата кариера, која траеше повеќе од седум децении, Бенет продаде милиони плочи и освои 20 награди Греми, вклучувајќи ја и престижната награда за животно дело. Познат по соработките со музички ѕвезди како Френк Синатра и Лејди Гага, Бенет остави неизбришлив белег во светот на музиката. Во 2014 година, на 88-годишна возраст, тој го собори сопствениот рекорд како најстар изведувач што се искачил на врвот на „Билборд 200“ листата со албуми.