Ќе ја трчаат ли заедно Ковачевски и Ахмети изборната трка?

Неделава почнуваме со серија состаноци на Претседателството каде што ќе разговараме за сите варијанти. Очекувам по петок сè да биде појасно, вели висок функционер на ДУИ за „Слободен печат“, според кој сите опции и за парламентарните и за претседателските избори се отворени.

Во Мала Речица викендов треба да е појасно дали ДУИ на парламентарните избори ќе настапи на заеднички листи со СДСМ и коалицијата, откако премиерот Димитар Ковачевски, по лидерската средба, повика владините партнери, невладини организации и граѓански здруженија да се приклучат на европски фронт.

По постигнатиот консензус на лидерската дека на 8 мај ќе се одржат вториот круг од претседателските и парламентарните избори, СДСМ ја почна постапката за избор на кандидат за шеф на државата, а Централното претседателство на ДУИ в петок ќе заседава и за европскиот фронт и за настап на претседателските избори. Од Алијанса за Албанците, пак, не веруваат дека е можно на изборите да одат со заеднички листи, но сепак велат дека крајната одлука ќе ја носи Централното претседателство.
И додека владините партнери допрва ќе премеруваат дали самостоен или заеднички настап во европски фронт е добитната комбинација за изборите, од СДСМ речиси 100 отсто се сигурни дека ќе има ротација на функциите технички премиер и претседател на Собранието.

Висок функционер на ДУИ за „Слободен печат“ вели дека и за парламентарните и за претседателските избори сите опции се отворени и дека партијата допрва ќе носи одлуки.

– Неделава почнуваме со серија состаноци на Претседателството каде што ќе разговараме за сите варијанти. Очекувам дека по петок сè да биде појасно – вели функционерот.

Во ДУИ коментираат дека по лидерската ни Али Ахмети ни Арбен Таравари не го коментирале или оспориле повикот на Ковачевски за европски фронт. Ова се толкува дека е можно СДСМ и ДУИ заеднички да настапат на парламентарните избори. Дали ДУИ ќе застане зад идејата за консензуален претседател, пак, ќе зависи од тоа дали и со каков кандидат за шеф на државата ќе настапи европскиот сојуз за промени, предводен од Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши. Ако албанскиот опозициски блок номинира кандидат за претседател на државата, можно е ДУИ да истрча со свој кандидат и во вториот изборен круг да го поддржи кандидатот на СДСМ.

Алијанса за Албанците засега преферира сама да оди на избори, но дефинитивната одлука ќе ја носи највисокиот партиски орган и на маса ќе биде ставена понудата за заеднички листи и за консензуален претседателски кандидат. Како што веќе објави „Слободен печат“, на одлуката на Алијанса ќе влијае и дали СДСМ и ДУИ ќе застанат зад нивниот кандидат за член во Државната изборна комисија (ДИК). Од АА брифираа дека ако СДСМ го поддржи кандидатот на Европскиот сојуз за промени, Ковачевски да не се надева на заеднички настап на изборите. Според Алијанса, ако на СДСМ ѝ е важно да настапат на изборите како европски фронт, најголемата владејачка партија не ќе може да се надева на коалиција со нив ако го гласа кандидатот на Беса за ДИК.

Испразнетото место во ДИК ги испровоцира Меџити, Гаши и Касами да ја напуштат лидерската средба по кавга со Џафери, и го обвинија дека подготвува фалсификат на изборите со тоа што го одолговлекува изборот на член во ДИК. Според учесници на лидерската, намера на опозициската тројка лидери била да го испровоцираат Џафери и да го напуштат состанокот.

За празното столче во ДИК партиите допрва ќе треба да понудат решение, бидејќи засега ниту СДСМ ниту ДУИ официјално не се изјасниле чиј кандидат ќе поддржат.

Ковачевски по лидерската информира дека Извршниот одбор на СДСМ почнал иницијатива за формирање широк европски фронт на сите политички и општествени чинители што го поддржуваат членството во ЕУ, како и процедура за избор на кандидат за шеф на државата. Ковачевски потврди и дека во последните 100 дена од мандатот, на чело на техничката влада ќе биде премиер предложен од ДУИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот