Фото: „Слободен печат“

Ќе го „лапне“ ли Мицкоски со помош на Филипче градот-упориште на Ахмети?

СДСМ е „на три ума“ за Кичево – да го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, да се натпреваруваат со свој кандидат или да го поддржат актуелниот градоначалник и кандидат на ДУИ Фатмир Дехари

Ќе излезе ли, сепак, СДСМ со кандидат за градоначалник на Кичево на претстојните локални избори, иако членството и раководството беше поделено дали воопшто да номинира кандидат или уште во првиот круг да го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Извори од базата на партијата, за „Слободен печат“ откриваат дека кандидат за Кичево ќе биде Оливер Несторовски, претседател на општинската организација на СДСМ. Несторовски ни потврди дека општинската го кандидирала, но дали тој ќе трча за Кичево, ќе пресечат партиските органи. Очекувањата се дека лидерот на СДСМ Венко Филипче следната недела ќе ги свика партиските тела за кога се очекува и официјализација на кандидатурата на Несторовски.
Ако партиското раководство ја потврди кандидатурата, Несторовски влегува во трка за градоначалник на Кичево со актуелниот градоначалник Фатмир Дехари од ДУИ, кој ќе атакува за четврти мандат како градоначалник, потоа министерот за социјална политика Фатмир Лимани од Вреди, независниот кандидат, адвокатот Шкодран Алили, и најверојатно лекарот Александар Јовановски, кој и на изборите во 2021 година беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

Фатмир Лимани и Фатмир Дехари, кандидати за Кичево/ Фото: Фејсбук

Извори од општинската организација на СДСМ брифираат дека базата и раководството се поделени како да „одиграат“ за Кичево на локалните избори. Опциите кои се на маса се: да излезат со свој кандидат и во вториот круг да се договара поддршка за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, втората опција е во првиот круг да го поддржат лекарот Јовановски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, а третата – да дадат поддршка на актуелниот градоначалник на ДУИ Дехари. Разидувањата се меѓу раководството и членството: раководството на СДСМ „навива“ за Дехари, додека членството за Јовановски. Поделени се мислењата дали треба да се поддржи Дехари, зашто не се задоволни од тоа што го сработил. Дел од базата на СДСМ коментира дека номинацијата на Несторовски е за себепромоција и отскочна штица тој да се најде на пратеничка листа на следните парламентарни избори.

Што ѝ да одлучи СДСМ, битката за локалнаа власт во Кичево е високо на агендата и на ВМРО-ДПМНЕ, која по четири мандати на Дехари како градски татко, сака овој град да го врати под свое владеење. Голема е и битката помеѓу двајца поранешни сопартијци од ДУИ. Едните сакаат за да ја докажат надмоќта над Вреди и доминацијата на лидерот Али Ахмети кој е од Зајас. Министерот Фатмир Лимани, пак, вторпат влегува во борба за власт во Кичево. На претходните избори беше независен кандидат, а сега е кандидат на Вреди. Прогнозите се дека градоначалничката битка во вториот круг ќе се решава помеѓу Јовановски и Дехари.

Мицкоски е блиску до договор со Димитриевски

Освен за Кичево, ВМРО-ДПМНЕ се очекува наскоро да го формализира договорот со ЗНАМ за Куманово и за Центар, како и за уште две -три општини каде што партијата на премиерот Христијан Мицкоски ќе ги поддржи кандидатите на ЗНАМ. Лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски ќе се бори за нов мандат во Куманово, додека заменик-министерот за енергетика, Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, најверојатно, ќе биде кандидат за градоначалник на Центар.

Фото: Сител ./ скриншот

Мицкоски најави дека на почетокот на септември ќе се знаат сите кандидати за градоначалници и дека наскоро се очекува да се финализира договорот со ЗНАМ.

– Многу блиску сме до договор. Не би можел да кажам дека имаме конечен, но многу блиску сме до договор. Во таа насока „мериме“ уште во неколку општини, да видиме дали во тие општини кандидатот од ЗНАМ или кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ имаат подобри перформанси кај граѓаните. Уште две-три општини се отприлика во фокусот на тие разговори. И убеден сум дека на крајот ќе постигнеме договор за заедничка поддршка на кандидатите за градоначалници. Што се однесува до советничките листи, коалицијата што ќе ја предводи ВМРО ќе има свои листи, а и политичката партија ЗНАМ ќе има свои листи – рече Мицкоски.

ДПТ и Мендух Тачи му свртеа грб на Ахмети

Во албанскиот блок, пак, Демократска партија на Турците го напушти Европскиот фронт и самостојно ќе настапи на локалните избори, со сопствени кандидати за советници и за градоначалници во општините каде што живее претежно популација од турската заедница.

– Во согласност со јасно изразената волја на народот, донесена е и одлука за излегување од коалицијата Европски фронт. Со овој чекор ја зацврстуваме нашата независна политичка позиција и ја потврдуваме нашата решеност директно да му служиме на народот, без посредници и компромиси. Демократската партија на Турците на Македонија останува верен и доследен чувар на интересите на турската заедница – соопшти партијата.

Али Ахмети, Мендух Тачи Фото: Фејсбук Ахмети

Освен ДПТ, ни претседателот на ДПА Мендух Тачи не се договорил за изборен настап со ДУИ. Тој изјави дека преговорите со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, не довеле до резултат.

– Со жалење можам да заклучам дека разговорите со Али Ахмети не успеаја – рече Тачи.

Тој најави дека Собранието на партијата в недела ќе донесе конечни заклучоци за идниот правец на ДПА. Тачи изјави и дека практично е невозможна соработка со актуелната Влада.

– Вистината е таа, како што и претходно кажав, речиси е невозможно, но вие сте во право, во последните месеци имаше поголем интензитет на разговори, барајќи од двете страни заеднички точки меѓу оваа Влада и ДПА, но на крајот дојдовме до заклучок дека немаме никакви заеднички точки. Дозволете ми да констатирам дека овој разговор денес и официјално е затворен, не можам да ги замолчам другите, но ставовите на ДПА се овие, иако покажавме желба за конструктивност, дојдовме до заклучок дека немаме ништо заедничко со политиката на оваа Влада и нема да имаме – рече Тачи.

Беким Фазлиу, Таравари, Мерал Ферати, Фото: Фејсбук Фазлиу

Од друга страна, пак, можно е засилување на владејачката Вреди со неодамна формираното граѓанско движење Арберија, чии основачи се поранешните пратеници на ДПА – Беким Фазлиу, Мерал Узаири Ферати, Орхан Ибрахими и Газменд Алији. Според информациите, во тек се преговори членови на Арберија да се најдат на советничките листи на Вреди. Четворицата експратеници лани го поддржаа Арбен Таравари, кога Алијанса за Албанците се приклучи на коалицијата Вреди. Откако Таравари излезе од Вреди и од Владата, Фазлиу, Узаири, Ибрахими и Алији ја формираа Арберија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот