
Ким Катрал искрено за Саманта од „Сексот и градот“: „Не беше нимфоманка, туку само знаеше што сака“
Актерката Ким Катрал (68), која светската слава ја стекна со улогата на Саманта Џоунс во култната серија „Сексот и градот“ (Sex And The City), проговори за своето искуство со ликот што ја одбележа кариерата, но и за погрешните перцепции што публиката често ги имала.
Препорачано
Во интервју за „Тајмс“, Катрал откри дека Саманта не била нимфоманка, како што многумина верувале, туку жена која целосно уживала во својот живот и љубовни искуства.
„Саманта не беше нимфоманка, иако некои така ја доживуваа. Таа едноставно уживаше во главното јадење, додека другите се задоволуваа со предјадења. И сè беше според нејзини услови, на тоа инсистирав од самиот почеток“, вели актерката.
Иако нејзиниот лик стана симбол на женската сексуална слобода и независност, Катрал вели дека приватно е сосема поинаква.
„Јас сум нејзина спротивност. Сум била сериски моногамист, па и повеќе од тоа“, додава таа.
Интересно е што Ким Катрал дури четири пати ја одбила понудата за улогата на Саманта. Причината, како што вели, била нејзината несигурност дека на 41-годишна возраст ќе биде прифатена како секси жена на екранот.
„Тоа беше еден вид самонметнат ејџизам. Но, тоа се смени и четириесеттите станаа секси. Луѓето почнаа да бараат уште од тоа“, раскажа таа.
Катрал ја толкуваше Саманта во сите шест сезони на серијата, кои се емитуваа од 1998 до 2004 година, како и во двата филмски продолженија. Меѓутоа, не се приклучи на продолжението „И туку-така…“ (And Just Like That) од 2021 година, а веќе е потврдено дека нема да се појави ниту во третата сезона. Причината, според медиумите, се долгогодишните затегнати односи со колешката Сара Џесика Паркер.
Катрал има три брака зад себе. Првиот, со канадскиот писател Лери Дејвис, завршил со поништување по две години. Во дваесеттите години беше седум години во брак со германскиот архитект Андреас Лисон, а во четириесеттите се омажи за музичарот Марк Левинсон. Со него, во 2002 година ја напишала книгата „Задоволство: Уметноста на женскиот оргазам“, но двојката се разведе две години подоцна.
И покрај тоа што не се појавува во новите продолженија на серијата, Катрал е горда на улогата што ја одигра и на влијанието што нејзиниот лик го имаше.
„Создадов фантастичен лик кој многу го сакав и во кој вложив љубов. Ако луѓето ме паметат само по Саманта – тоа е сосема доволно за мене“, изјави таа.