
Капачињата за тегли се најевтиниот дел од зимницата
Килограм од овие пиперки според земјоделскиот портал на Министерството за земјоделство во просек чини 77,5 денари, а најскапи се во Охрид, дури 120 денари! Лани едно македонско семејство изело просечни 2,8 килограми ајвар, покажуваат службените статистички податоци
Уплав предизвикува моментална цена од 70 до 100 денари за килограм ајварка, а тоа не дава добри прогнози за „македонскиот кавијар“. Килограм од овие пиперки според земјоделскиот портал на Министерството за земјоделство во просек чини 77,5 денари, а најскапи се во Охрид, дури 120 денари! Лани едно македонско семејство изело просечни 2,8 килограми ајвар покажуваат официјалните статистички податоци. Домаќинките се во дилема – дали воопшто да ги палат пампурите, бидејќи со сите есапи во моментот само капачињата за тегли се најевтиниот дел од традиционалната зимница! Маркетите веќе наголемо ги нудат по цена од 2 до 4 денари, а теглите се од 12 до 39 денари во зависност од големината.
Традиционално сезоната на ајварите се отвора на 15 септември, а крајниот рок е празникот 11 Октомври, но поради климатските промени и големите жештини, оние кои сепак ќе решат да прават ајвар, сепак ќе чекаат малку за залади. Согласно претходните најави моменталните откупни цени за екстра класата на куртовската капија 45 денари/кг, додека првата класа е поевтина за 5 денари.
Препорачано
Но, додека црвените пиперки патуваат од струмичките полиња до скопските пазари, овие цени двојно се зголемуваат. Во споредба со лани откупните цени се зголемени од 13 до 15 отсто, односно цената е зголемена за околу 5 денари за килограм и плус од досегашните 3 производителите ќе добиваат по 4 денари за предаден килограм пиперка на откупните пунктови. Годинава се очекува производство на околу 60 до 65 милиони килограми „куртовска капија“. Со оглед на намалените приноси, земјоделците очекуваат договорените услови да се почитуваат до крајот на откупната сезона.
– Оваа разлика е резултат на неефикасниот синџир на снабдување, каде што најголемиот дел од профитот не го зема земјоделецот што ја произведува, туку посредниците и препродавачите што го организираат откупот и транспортот. Пиперката од струмичкиот Регион оваа сезона е со одличен квалитет, но родот е намален поради сушата – вели агрономот Ристо Велков за „Слободен печат“.
– Ова е невозможно. Како да се натпреваруваат кој да биде поскап. На што личи среде лето да се нудат пиперки за 100 денари. Се разбира дека ако купувате од кутија или вреќа, цената е пониска, но и изненадувањата се големи – набрчкани, криви, преполни со дамки. Срамота е што продаваат третокласна стока по екстремна цена – вели една купувачка на Зелениот пазар.
Искусните домаќинки велат дека за 10 тегли домашен ајвар вообичаено е потребно 30 килограми пиперки, 8 модри патлиџани и просечно 1,5 литри масло за јадење. Па, така, грубата пресметка за тегла ајвар, според моменталните цени, без дрвото и работната рака, би чинела околу 400 денари. Во маркетите, пак, тегла ајвар од ланско производство може да се најде по цена од 180 денари до 419 денари, во зависност од производителот.
Во моментов маркетите се натпреваруваат и на акција нудат ајвар во разни тежини и од различни производители. На социјалните мрежи има понуди за пакет од 6 тегли по цена од 160 денари за тегла, додека за пакет од 12 тегли, цената е 150 денари за тегла. Некои нудат и 10 мали тегли за 1.999 денари, а десет големи тегли од 720 грама за 3.999 денари. Понудувачите им порачуваат на граѓаните да побрзаат, оти веќе се резервирани и термините за октомври.
Ако правите ајвар пред зграда – казната е 50 евра
Правењето ајвар е семеен ритуал, традиција што ги обединува генерациите и симбол на домашната трпеза. Арно ама, во 2008 година беше донесен еден од најнепопуларни чекори – законски се забрани правењето ајвар на јавни површини.
Сопствениците на дворни места можат да прават ајвар во своите дворови, но на граѓаните што живеат во станбени згради тоа им е невозможно. Законот за јавна чистота од 2008 година предвидува 50 евра казна за поставување ќумбе на јавна површина и оставање неред, што значи дека правењето ајвар на дворските површини на зградите и во парковите околу нив не е дозволено.
Ајварот е од турско потекло, а името доаѓа од зборот „хајвар“ што значи кавијар, иако не е јасно како се случило зборот што се користи за рибен производ да се прошири и на овој производ.
Една идеја е дека ова се случило затоа што бил редок и скап, како кавијарот. Во првиот познат објавен рецепт за ајвар, пронајден во големиот спрски готвач од 19 век, авторката Катарина Поповиќ ги споменува и пиперките и модриот патлиџан. Сепак, Србите обично прават ајвар само од црвени пиперки, додека граѓаните на Македонија обично се тие кои користат и модар патлиџан.
Инаку брендот со географско потекло „македонски ајвар“ веќе долги години е меѓународно заштитен и нема опасност да се загуби придавката македонски.