
Камерното трио „Аперто“ ќе одржи концерт во КИЦ-Скопје
Во „Салон 19:19“ при Културно-информативниот центар во Скопје на 15 ноември, со почеток во 19:19 часот, концерт ќе одржи камерното Трио „Аперто“.
Препорачано
Трио „Аперто“ е составено од тројца истакнати и реномирани македонски музичари: Марина Трајковска – виолина, Момчило Куфојанакис – виолина и Весна Ангелова Христов – пијано.
Триото е основано во 2018 година по иницијатива на виолинистката Марина Трајковска, долгогодишен член на Македонската Филхармонија. Покрај презентирање на репертоарот за овој вид на камерно музицирање, триото има за цел промовирање на македонски автори и поттикнување на македонските композитори да творат за овој вид на ансамбл, како и визија за едукативни концерти за наjмалата публика – децата од предшколска и училишна возраст.
Досега имаат реализирано бројни концерти на подиумите низ целата РС Македонија, како и свечен гала-концерт во камерната сала на Филхармонија, концерти во културните центри во Истанбул (Турција) и Тирана (Албанија).
Концертот на трио „Аперто“ вклучува програмска содржина со дела од современи македонски автори, како и атрактивни дела од светската музичка литература напишани за овој вид на камерен состав. На концертот ќе бидат изведени дела од композиторите А. Вивалди, А. Дворжак, Г. Форе, Б. Цанев, Aнте Б.К. и Д. Шостакович.