
Камбери: Не добив конкретен одговор од Борел и Лајчак за „Прешевската долина“
Албанскиот пратеник во Собранието на Србија, Шаип Камбери изјави дека за „Прешевската долина“ и за правата на тамошните Албанци, не добил конкретен одговор од Лајчак и Борел.
Препорачано
„Покрај писма до американскиот Сенат и Конгресот, им напишав и на Борел и на Лајчак. Засега нема конкретна реакција, она што го пишува во повратното писмо од Борел и Лајчак што го добив е дека правата на Албанците се грижа и за Европската Унија, но дека тие мора да се решат во процесот за членство на Србија во ЕУ“, додаде Камбери.
Тој изјави дека Охридскиот договор создава нов стандард на еднаков третман на заедниците во регионот.
„На прв поглед Охридскиот договор не ја опфаќа Прешевската долина, но малцинските права се споменати во првичните основни принципи. Сметам дека договорот, и покрај тоа што директно не се однесува на Прешевската долина, создава нов стандард на еднаков третман на заедниците во регионот. На оваа тема се обидовме да инсистираме во највисоките политички институции на САД во Конгресот, Сенатот, Стејт департментот“, рече Камбери.
Тој додаде дека и покрај тоа што Косово добило обврски кон српската заедница во Косово, тие не треба да бидат од ексклузивен карактер.
„Кон крајот на овој месец, на 25 мај, ќе имаме директна средба со делегацијата на американскиот Сенат и Конгресот во Белград, на која ќе бидат додадени теми поврзани со имплементацијата на универзалните принципи на Западен Балкан. Јасно е дека Косово доби обврски во однос на северот и некаков правен политички механизам преку кој ќе ги гарантира правата на Српската листа, но не треба да се дозволи тоа да биде ексклузивна категорија, бидејќи на Балканот не постои само Српското малцинство, туку и други заедници“, рече Камбери.