
Какви горива танкираат македонските возачи? Неправилности има кај еуросуперот 95 БС и еуродизелот БС
Од почетокот на годината биле земени и мостри од нафтени деривати и тоа Еуросупер 95 БС и Еуродизел БС за контрола на квалитетот, а извршеното тестирање утврдило дека резултатите од лабораториските анализи не ги исполнуваат критериумите за квалитет – стои во полугодишниот Извештај на ДПИ
Институциите наскоро ќе излезат со детална анализа за квалитетот на горивата, дознава неофицијално „Слободен печат“, а во меѓувреме Државниот пазарен инспекторат излезе со податок дека дел од контролираните деривати се неквалитетни. Инспекторите не прецизираат од што произлегува оваа констатација, но според експертите лошото гориво може да содржи разни нечистотии, вклучувајќи вода, талог или несоодветни адитиви, што може да резултира со неправилно согорување.
Препорачано
Според планот, годинава ќе се извршат дури 220 анализи на квалитетот на горивата, со што се поставуваат повисоки стандарди за усогласеност со македонските регулативи и стандарди. Лабораторијата за тестирање на Бирото за метрологија ќе им биде достапна на инспекторите со што ќе се овозможи детално и брзо тестирање на терен и ќе го гарантира квалитетот на горивата, но и безбедноста на граѓаните, велат од ДПИ.
-Од почетокот на годината беа земени и мостри од нафтени деривати и тоа Еуросупер 95 БС и Еуродизел БС за контрола на квалитетот согласно Правилникот за квалитетот на течните горива и стандардот МКС ЕН ИСО 3170:2006, од овластени лица на акредитирано инспекциско тело за земање мостри при Министерство за економија и труд-Биро за метрологија. Од извршеното тестирање е утврдено дека резултатите од лабораториските анализи не ги исполнуваат критериумите за квалитет, за што се превземени соодветни законски мерки согласно Законот за техничките барања за производите и оцена на сообразност – стои во полугодишниот Извештај на ДПИ.
Лани во декември Државниот пазарен инспекторат и Бирото за метрологија склучија договор за соработка под покровителство на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
-Лабораторијата е акредитирана за 26 методи на тестирање и ќе овозможи брзи и прецизни анализи на квалитетот на горивата директно на терен – истакна директорот на Бирото за метрологија Седад Рушани.
Договорот се однесува за користење на лабораторијата за тестирање на квалитетот на течните горива, а треба да обезбеди поголема сигурност за потрошувачите, што значи дека контролите на терен од Инспекторатот ќе бидат заострени и со голем интензитет. Предвидено е да се зголеми обемот на инспекциските контроли кои се однесуваат на анализа на течните горива, а пазарните инспектори ќе ја користат лабораторијата за мострирање и тестирање врз основа на претходно утврдени годишни планови, но и за вонредни надзори. Во изминатите пет години, и покрај склучените договори за соработка, имало незначителен број анализи на течни горива, а со овој договор се предвидува драстично зголемување на обемот на инспекциските проверки.
-Со овој потег, државата праќа јасна порака: неквалитетните горива немаат место на македонскиот пазар. Потрошувачите добиваат квалитет и сигурност, додека институциите покажуваат дека се посветени на повисоки стандарди и подобра заштита на јавниот интерес – истакна министерката за енергетика Сања Божиновска.
Инспекторите може да земаат мостри
Инспекторите имаат надлежност според Законот за општа безбедност да вршат проверки на безбедносните карактеристики на производите, да ги бараат сите потребни информации од лицата вклучени во синџирот на снабдување, да земаат мостри од производите со цел проверка на безбедноста, производот да биде означен со соодветни и јасни предупредувања за ризиците кои може да ги предизвика, како и да бараат исполнување на претходните барања со цел негова безбедност.
Со донесена мерка решение надлежниот инспектор го определува рокот во кој што се преземе мерката при што овој рок не може да биде пократок од 24 часа ниту подолг од осум дена.