
Кафуле во Скопје дискриминира жени што носат шамија и не ги услужува
Кафуле во Скопје ги дискриминира жените кои носат хиџаб, поради тоа што не им дозволува да бидат гости во локалот единствено поради тоа што носат религиско обележје, констатира Комисијата за заштита од дискриминација.
Препорачано
Девојката која носи шамија, поднела претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација наведувајќи дека заедно со две колешки, по одржан работен состанок отишле во локалот со цел да седнат. Притоа, на самиот влез од локалот им било посочено дека има приватна забава и поради тоа нема да бидат услужени. По заминувањето од кафулето една од колешките на жената со шамија, исконтактирала со лице од кое добила информација дека ваквото постапување на персоналот на локалот било поради шамијата која ја носела нејзината другарка.
Во претставката до Комисијата за заштита од дискриминација, девојката навела дека откако на социјалните мрежи објавила дека ѝ бил одбиен влез во кафулето, била исконтактирана од страна на неколку девојки и жени кои се пожалиле дека биле дискриминирани од страна на истиот ресторан на истиот начин како и таа, односно дека ваквото однесување било воспоставена практика во минатото.
Девојката што поднела претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, била единствената од трите девојки која носела шамија како религиско обележје. Едната од нив се јавила кај пријател од кафулето, кој ѝ потврдил дека не станувало збор за изолиран случај туку дека постоеле повеќе вакви случаи во минатото и дека девојките не се примени поради шамијата што ја носела едната од нив. Дополнително, било истакнато дека трите девојки при обидот да влезат зборувале меѓу себе на албански јазик.
Третата девојка на која ѝ бил одбиен влез во кафулето, исто така посведочила пред Комисијата, дека неколку дена пред настанот, таа била присутна во истиот локал заедно со своите родители, при што, на излегување била сведок на настан каде на две жени кои зборувале на турски јазик им бил одбиен пристап во локалот, при што една од нив носела марама како религиско обележје. Оттука образложува дека ваквото одбивање било врз основа на фактот што една од жените носела шамија, наведувајќи дека одговорот што двете жени го добиле бил дека „во тој момент нема слободно место“, иако било евидентно дека имало слободни места.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација отишла во локалот да изврши увид и побарала менаџерката да се произнесе. Таа истакнала дека „доколку им било кажано дека има приватна забава, тогаш тоа е причината за одбивањето на трите девојки да влезат“ и дека „ваквите наводи се беспредметни бидејќи живееме во двојазична држава“. Потоа од локалот целосно ги отфрлиле наводите за дискриминација врз основа на род, религија или верско уверување бидејќи дента во кафулето имало приватна забава од 12 часот и 30 минути до 17 часот и дека во тој период не можело да се примаат надворешни гости.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација според доказите што ги обезбедила утврдила дека е извршена дискриминација врз девојката која носела шамија, односно дека кафулето не овозможило непречен пристап до услугите што ги нуди како кафе бар и ресторан, базирајќи го ваквиот пристап врз фактот што подносителката на претставката за заштита од дискриминација – носела шамија како религиско обележје. Комисијата додава дека ваквата етаблирана практика на кафе барот и ресторанот е дискриминаторска и таргетира жени кои ја носат шамијата како религиско обележје.
Имајќи го предвид фактот дека ваквото постапување е врз основа на повеќе дискриминаторски основи кои се меѓусебно неразделни во конкретниот случај, Комисијата утврди дека е извшрена интерсекциска дискриминација врз основа на родот, религијата, верското уверување, што претставува секоја дискриминација врз две или повеќе дискриминаторски основи што се истовремено и неразделно поврзани. Интерсекциската дискриминација е потежок облик на дискриминација според членот 13 од Законот, пишува Комисијата во мислењето.
Според документот, девојката која носела шамија била дискриминирана согласно членот 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Комисијата утврди директна интерсекциска дискриминација како потежок облик на дискриминација врз основа на род, религија или верско уверување во областа на пристап до добра и услуги врз девојката со хиџаб. На кафулето му е изречена препорака да ја отстрани дискриминацијата на начин што ќе им овозможи пристап до добрата и услугите што ги нуди на сите граѓани. Доколку ова не биде испочитувано, тогаш Комисијата ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.
Ова не е првпат да се случува дискриминација во земјава врз основа на тоа што некоја девојка или жена носи марама. Познати се постари случаи од 2018 година кога декан и професор ѝ забрануваа на студентка да полага испит доколку не ја извади марамата, но и други случаи кога на жени со хиџаб им бил забрануван влез во локали.
За случајот кога на студентка која носела марама ѝ било забрането да полага испит доколку не го отстрани хиџабот, Хелсиншкиот комитет поднесе претставка до Народниот правобранител со која побара тој да поведе постапка за заштита на уставните и законските права на граѓаните и заштита на начелото на недискриминација и да донесе мислење и препорака до факултетот, професорот и деканот на факултетот да ја прекинат дискриминаторската практика насочена кон студентките од исламската вероисповед кои носат шамии и безусловно во иднина да им овозможат да ги полагаат сите испити.
Дополнително, Хелсиншкиот комитет во 2018 година од Народниот правобранител побара да даде општи препораки до сите факултети во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за отстранување на ваквиот тип дискриминаторска практика бидејќи со неа не само што се врши дискриминација врз студентките кои носат шамија, која е забранета, туку им се ограничува и правото на високо образование, што е спротивно на Уставот на Република Македонија и Законот за високо образование.