
Каде ќе го скриете срамот за „Вардариште“?
За старата градска депонија, градоначалниците постојано имале амбициозни планови – паркови, спортски игралишта, голф терени, расади со рози. Се покажа дека само од себе, без да се мрдне со прст, од ѓубре не никнуваат рози и зелени оази.
Каков воздух дишат надлежните, па не преземаат ништо за „Вардариште“, праша во коментар на социјалните мрежи жител на Скопје, загрижен од речиси секојдневното загадување во населбите лоцирани во близина на оваа депонија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Прашањето навидум изгледа смешно, а всушност е многу разумно и логично.
Со години наназад сите градоначалници на главниот град, на Општина Гази Баба, министри за животна средина, властодршци, опозиционери… се однесуваат како да живеат на Алпите, па сѐ околу нив е чисто, уредено и зелено. А живеат во Скопје, каде што деновите со чист воздух се како добивка на лотарија, а секое дополнително загадување уште повеќе ги гуши граѓаните и им го загрозува здравјето.
Како е можно тогаш никој досега да не преземе ништо за „Вардариште“? Дали е тоа последица на негрижа, неодговорност, неспособност, незаинтересираност? Дали фотелјата и привилегиите се поважни од интересот на граѓаните? И конечно – како е можно досега да не се најде барем еден кој вистински го сака Скопје и сака да остави нешто зад себе, нешто добро, по кое ќе го паметат граѓаните и кога ќе ја напушти функцијата?!
„Вардариште“ е всушност една од темите што е многу податлива во предизборна кампања за локални избори. Исто како Луна паркот, јавниот превоз, јавната хигиена, урбанизмот, изградбата на паркови. Со неверојатна леснотија се споменува и се става на хартија како проект, а потоа ништо. Па, така, само со ветувања и нула реализација, Скопје стигна таму каде што е – на дното.
За старата градска депонија, која верувале или не, официјално е затворена од 1997 година, градоначалниците постојано имале амбициозни планови – паркови, спортски игралишта, голф терени, расади со рози. Се покажа дека само од себе, без да се мрдне со прст, од ѓубре не никнуваат рози и зелени оази.
Што е право, ексградоначалникот Коце Трајановски порача физибилити студија за санација на „Вардариште“. Во студијата беше утврдено дека на локацијата може да се создаваат токсични депониски гасови, па истражувачите апелираа да се внимава на можно формирање експлозивна смеса и палење на депонијата. Беше препорачана санација на теренот, откако прво ќе се направи примарна заштита. Наследникот на Трајановски, Петре Шилегов, лесно се откажа од санацијата, затоа што било прескапо, ќе чинело околу 40 милиони евра, пари што градот не можел да си ги дозволи. Данела Арсовска се фалеше со паркови и рози. И Орце Ѓорѓиевски ќе прави парк од „Вардариште“ ако стане градоначалник и уште од октомври ќе се фател со решавање на овој проблем.
Полицијата со години не може да ги фати потпалувачите, иако сите жители во околината ги знаат. Министерството за животна средина го преспа проблемот со депонијата, а актуелниот министер Изет Меџити си брка градоначалничка кампања. „Вардариште“ очигледно не му е во интерес. Можеби депонијата не е надлежност на Министерството, но нејзиното влијание врз животната средина е. Недозволиво е буквално ништо да не се преземе.
И поранешната министерка Каја Шукова, која има амбиција да биде градоначалничка на главниот град, сега ветува решение за „Вардариште“ – требало најитно да се огради, да има физичко обезбедување и видеонадзор за да се спречат палењата. Потоа, како што вели, на подолг рок треба да се направи современа претоварна станица и целосна санација на контаминираната површина. Барем таа не ветува парк.
Во меѓувреме, засегнатите граѓани затруени од „Вардариште“ со протести се обидуваат да се изборат за спас од загадувањето од депонијата. Бараат да се фатат и казнат потпалувачите. И веќе не веруваат на ветувања. Доста им е и „треба“ и „ќе биде“, сакаат резултат сега веднаш, за конечно да можат да дишат, да отворат прозорци во своите домови, да ги изнесат децата да си поиграат пред зграда. Многу ли бараат?
„Вардариште“ е депонија на ѓубре, но и депонија на срамот на сите досегашни и актуелни функционери што треба да се грижат за Скопје, да го чуваат и развиваат и да се грижат за благосостојбата на своите сограѓани.
Ѓубрето можеби некогаш ќе се исчисти, можеби на просторот ќе никнат и дрвја. Каде ќе се закопа нивниот срам?