
Јужнокорејското обвинителство ѝ се извини на жена осудена пред 60 години затоа што се бранела од сексуален напад
Јужнокорејските обвинители ѝ се извинија на Чои Мал-џа, жена која пред 61 година била осудена затоа што се бранела од сексуален напад. Во 1964 година, кога имала 18 години, Чои се одбранила така што му одгризала дел од јазикот на мажот кој се обидел да ја силува, објави „Гардијан“. Наместо да биде призната како жртва, таа добила казна затвор во траење од 10 месеци, условно на две години. Напаѓачот, пак, бил осуден поблаго – на шест месеци условна казна за нелегален влез во земјата и заплашување.
Препорачано
Поттикната од движењето „MeToo“, Чои со години се борела за поништување на пресудата. Повторното судење започна во градот Бусан, каде обвинителите ѝ се извинија за сторената неправда и побараа од судот да ја поништи старата пресуда.
„Искрено се извинуваме“, изјави главниот обвинител Џеонг Мјеонг-вон. „На Чои Мал-џа, жртва на сексуално насилство која требаше да биде заштитена, ѝ нанесовме длабока болка и страдање.“
Тогашниот суд пресудил дека Чои ја надминала „разумната граница на самоодбрана“ и ја осудил за нанесување тешка телесна повреда, и покрај тоа што напаѓачот не бил обвинет за обид за силување. Нејзиниот случај сè уште се наведува како пример во правните учебници – како симбол на системскиот неуспех да се препознае правото на самоодбрана при сексуален напад.
Соочувајќи се со долгогодишна тишина и игнорирање од институциите, Чои поднесе барање за повторно судење во 2020 година. Иако тоа најпрвин беше одбиено, Врховниот суд во Сеул, три години подоцна, конечно дозволи повторно отворање на случајот.
По сослушувањето, таа излезе пред судот, ја крена тупаницата и со солзи во очите извика: „Победивме!“ Таа ја прослави пресвртницата прегрнувајќи ги активистите и поддржувачите. „Сè уште не можам да поверувам“, рече Чои. „Но, ако обвинителите признаваат грешка, тогаш верувам дека сепак постои правда во оваа земја.“
Конечната одлука на судот се очекува на 10 септември.