
Јулските ветувања на Таравари за вработувања на Онкологија „дочекаа“ Нова Година
Нема абер од вработувањата на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје која се соочува со сериозен дефицит на персонал. Иако министерот за здравство Арбен Таравари со месеци е запознаен со недостигот, особено на средно-медицински кадар, сепак на терен нема нови вработувања. Ова ги погодува пациентите за кои што се грижи мала група на вработени. Директорот на Клиниката, доктор Игор Стојковски за „Слободен печат“ вели дека се надева на вработувања во 2025 година, а нивниот интензитет ќе зависи од доделениот буџет кој моментално се расправа.
Препорачано
– Потребни ни се медицински сестри и лекари, физичари но и административен кадар. Би требало да се вработат околу 50 кадри, меѓутоа тоа верувам дека нема да се случи веднаш, туку етапно, а стартот треба да биде во 2025 година. Моментално се дискутираат и финализираат буџетите и од нив ќе зависи како ќе одат вработувањата – ни рече доктор Стојковски.
Според информациите на „Слободен печат“, позитивно на Клиниката е што таму се ангажирани поголем број на специјализанти, чија едукација и специјализација е клучна за иднината на оваа медицинска гранка во државата. Фактот што во земјава има само 46 специјалисти онколози, вклучувајќи ги тука и оние кои што работат во приватните болници, ја прави оваа специјалност исклучително дефицитарна поради долгогодишната негрижа и лошото планирање на специјализациите.
Откако за Клиниката за онкологија беше отворена истрага од страна на Обвинителството, таа остана без специјалноста на доктор Никола Васев, кој беше оддалечен од работното место. Неговите пациенти ги презедоа други лекари, а Клиниката почна да работи во две смени за да може да се направи одржлив ред за примање хемотерапија.
Ветувањето на Таравари за нови вработувања на Онкологија кое што го даде уште во јули, очигледно ќе се пролонгира и за после Нова Година. На самиот старт на министерскиот мандат тој беше веднаш запознаен од страна на раководството на Клиниката дека кубурат со медицинскиот персонал по што тој изјави дека „следниот период ќе инсистира да се дозволат вработувања“.
– Идната недела ќе имаме конкретни барања од Клиниката, а потоа заедно со директорот на Онкологија да седнеме со министерката за финансии и да побараме, да вршиме притисок, да дадеме приоритет за вработувања на оваа Клиника, за да може да се функционира. Вака и за пациентите е тешко, но и за кадарот е претешко – рече Таравари на 5 јули годинава.
Од Министерството за здравство не добивме одговор колку согласности досега се дадени за вработување на кадар на Клиниката за онкологија и за кои профили, во периодот од ветувањето на Таравари до денес. Нема одговор ни на прашањето кога ќе бидат реализирани вработувањата и во што е пречката за нивната реализација.
Уште е тешко и за вработените и за пациентите на Клиниката. До неодамна имало и недостиг на 2 од вкупно 26 лека кои се наоѓаат на списокот на биолошка терапија обезбедена преку условниот буџет, но министерот уверува дека дефицитот е надминат.
– Онколошките пациенти од денеска ќе ги имаат и овие два биолошки лека – рече Таравари, додавајќи дека доцнењето било поради тендерските процедури, а не поради грешка на директорот.
Процедурите за тендерите се изговор за повеќе министри дури и кога се работи за онколошките пациенти.
– Не е дека тој згрешил нешто. Процедурите за набавка на одредени лекови траат и ако објавите пред три месеци тендер за тие лекови, мора да причекате и време на жалба и одредени процедури. Бидејќи се работи за меѓународни тендери потребно е време. Има прекин од само неколку дена, меѓутоа јас сум за тоа и тогаш да се алармира – рече Таравари.
Истрагата на Обвинителството за Онкологија е при крај
Скопското јавно обвинителство во септември 2023 година отвори предмет кој прерасна во истрага за повеќе наводи поврзани со несоодветно лекување на пациентите на Клиниката за онкологија. Беа вршени вештачења и од страна на македонски онколог, но и од странски тимови во чии раце завршија повеќе истории на онколошки пациенти од Клиниката и кои прегледуваа во која фаза од болеста каква терапија примале конкретните пациенти и дали таа соодветствувала на протоколите и на стадиумот.
Јавното обвинителство Скопје на неодамнешниот брифинг со новинарите потврди дека според едно од странските вештачења завршено во Србија, а кое се однесува на овие пациенти од скопска Онкологија – дел од нив биле несоодветно лекувани. Во Србија биле испратени 16 папки со документи за 16 пациенти и повратниот одговор е дека имало несоодветно лекување на дел од пациентите.
– Издадовме наредби за вештачења до Србија и Словенија. Во Србија испративме 16 истории и тоа вештачење е завршено и доставено ни е. Во Словенија испративме 51 историја и извештај треба да добиеме во јануари. Во моментов можам да потврдам дека нашите сомнежи за несоодветно лекување се потврдени со вештачењето од Србија. Се надеваме дека истрагата ќе трае до 31 јануари кога и би ја затвориле – рече надлежната обвинителка на брифингот со новинарите.
Таа рече дека ОЈО не ги потврдило информациите дека „терапија била препродавана на црн пазар во Косово“.
Сепак, рече таа, ОЈО се сомнева дека на некои пациенти терапијата не им била давана, иако на хартија таа била препишувана на нивно име.