
Јубилејна регионална конференција на Македонскиот ПЕН центар се одржува на тема „Постхуманизам и книжевност“
Македонскиот ПЕН центар од 19 до 21 јуни во Охрид и во Струга ќе ја одржи јубилејната ХХ Регионална конференција, на која ќе учествуваат дваесет и пет писатели од девет ПЕН центри.
Препорачано
Темата на годинашниот Симпозиум е „Постхуманизам и книжевност“. Писателите низ дијалог ќе се обидат да најдат одговори на низа актуелни прашања за статусот на книжевноста и уметноста во ерата на вртоглав технолошки развој поврзан со употребата на вештачката интелигенција.
Излагањата од Симпозиумот ќе се сосредоточат на позитивните и негативните аспекти на примената на ВИ во книжевноста; ВИ и имагинацијата, ChatGPT и плагијаризмот; хуманистичкото образование и ВИ, со цел да се понудат одговори на прашањето за состојбата на човекот денес, односно: „дали сме веќе навлезени во добата на постхуманизмот?“
Во рамките на Конференцијата ќе се одржи состанок на Балканската ПЕН мрежа, посветен првенствено на перспективите на соработка, меѓусебното преведување, но и заедничка афирмација на балканските книжевности и културни достигнувања на меѓународен план.
Програмата предвидува и две книжевни читања на делата на учесниците: во Меморијалната куќа на Григор Прличев во Охрид на 20 јуни, со почеток во 19 часот, како и во Меморијалната куќа на Браќата Миладиновци во Струга на 21 јуни, со почеток во 13 часот.
Учесници на јубилејната конференција на Македонскиот ПЕН центар се: Вида Огненовиќ и Владислав Бајац (од Српскиот ПЕН), Ентела Каси и Ахмет Пренчи (од Албанскит ПЕН), Петар Чухов и Иван Христов (од Бугарскиот ПЕН), Тарик Ѓунерсел (од Турскиот ПЕН), Драгана Кршенковиќ Брковиќ (од Црногорскиот ПЕН), Бинак Кељменди (од Косовскиот ПЕН), Иштван Турчи (од Унгарскиот ПЕН), Ванѓел Дуновски (од Влашкиот ПЕН), како и низа членови на Македонскиот ПЕН: Зоран Анчевски, Игор Анѓелков, Наташа Аврамовска, Бранко Цветкоски, Славе Ѓорго Димоски, Димитрие Дурацовски, Иван Џепароски, Лидија Капушевска-Дракулевска, Катица Ќулавкова, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Александар Прокопиев и Соња Стојменска-Елзесер. Музичкиот дел од програмата ќе биде во изведба на Бранислав Николов, пејачот на составите „Фолтин“ и „Пијан славеј“.
Јубилејната Регионална конференција на Македонскиот ПЕН центар ќе се одржи со поддршка на Министерството за култура и туризам на РС Македонија, а програмата во Струга ќе биде изведена во соработка со Струшките вечери на поезијата.