
Јубилејна изложба за Стефан Маневски го открива неговиот автентичен и рафиниран однос кон скулпторскиот израз
Во Националната галерија на Македонија, во објектот Даутпашин амам од 23 април е отворена јубилејната изложба „90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997)“ на која е претставено творештвото на еден од најинвентивните македонски скулптори.
Препорачано
Местото што го зазема Стефан Маневски во македонската историја на уметноста се должи на неговиот исклучително индивидуален, автентичен и рафиниран однос кон скулпторскиот израз, кој следи една логична и нагорна развојна линија, особено нагласена во неговата продлабочена визија за трансформација на металот, материјал што за него нуди бескрајни експериментални можности низ кои ги преточува повеќеслојните естетски егзистенцијални доживувања на современиот свет.
Започнувајќи ги својот творечки пат и креирањето, односно дефинирањето на својот препознатлив авторски израз на Академијата за ликовни уметности во Белград (која ја завршува во 1960 година, а подоцна и специјализира на истата академија во 1963 година) преку дела во кои е иницирано надраснувањето на академска пластичност.
Раскинувањето со класичните поуки се надополнува со пројавени реминисценции кон архаичната пластика на старите народи со нивната тотемска идолатриска поедноставеност на формата, која сепак останува во доменот на асоцијативната фигурација во делата работени во гипс, со архаистична строга фронтална поставеност и расчленети површини. Строгата и нагласено вертикална моделација, која постепено добива надреални белези, е навестување за понатамошните интереси на авторот.
Понатамошните истражувања уметникот ќе ги насочи кон анализа и расчленување на вертикалата, како и кон спроведување извесен симболично-декоративен концепт, при што делото се разрешува како вертикала, со завршница во форма на диск во кој е впишан зракаст мотив. Иако првенствено препознаван според скулпторската практика, Стефан Маневски негува особен интерес за цртежот и графиката, кои се исто така многу високо вреднувани.
Стефан Маневски е роден на 25 декември 1934 година во Скопје, од мајка Тана и татко Ристо. Во 1954 година го завршува средното образование во Средното уметничко училиште во Скопје. По две години се запишува на Академијата за ликовни уметности во Белград, каде што дипломира во 1960 година. Маневски во 1963 година ги завршил постдипломските студии на истата академија во класата на професорот Јован Кратохвил.
Истата година се враќа во родното Скопје и се вработува како наставник по ликовно образование во ОУ „Кирил и Методиј“, кое се наоѓа во центарот на градот. Се зачленува во Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) во 1963 година и оттогаш започнува активно да твори и изложува. Починал ненадејно во Скопје на 12 јули 1997 година, на возраст од 62 години.
Куратори на изложбата се Маја Чанкуловска Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова, а текстовите се на Викторија Васева Димеска и Маја Чанкуловска Михајловска. Изложбата е дел од програмските активности на Националната галерија за 2025 година, кои се финансиски поддржани од Министерството за култура и туризам.
Националната галерија им изразува особена благодарност за соработката за подготовката на изложбата и каталогот на семејството Маневски; Музејот на современата уметност, Скопје; и Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 278, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27.4.2025)