Јсп/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

ЈСП ги дискриминира Ромите во Шутка: Еден возач спиел, друг не им застанувал на станица за да се качат

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП Скопје) ги дискриминира Ромите од Шуто Оризари врз основа на етничка припадност и боја на кожата, одлучи Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. И на двете автобуски линии (со автобуси број 19 и 20) што ја поврзуваат оваа населба со Центар и со Карпош 4, биле регистрирани чудни настани. Возачот од линијата број 20 спиел на последната постојка во населбата додека граѓаните чекале да се качат во автобус.

Возачите на редовната автобуска линија број 19 пак, ги одминувале патниците што чекале на постојката кај главната Пошта, без да застанат и тоа во периодот од 15 до 17 часот кога тие се враќале од работа. Подносителите на претставката до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација наведуваат дека ваквото поведение ги принудува да фаќаат такси иако имаат месечни билети од ЈСП.

Претставката до комисијата се надополнувала, но ЈСП молчело и не одговорило на наводите. Жителите на Шуто Оризари дури и протестираа пред Град Скопје наведувајќи дека се „целосно отсечени“ од останатиот дел од Скопје поради немање јавен превоз.

Исто така, приватните превозници во времето на поднесување на претставката престанале да вршат услуги поради неплатени обврски од страна на градоначалничката, а автобуските линии 19 и 20 престанале да функционираат, се наведува во пријавата. 

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека ЈСП вршело директна дискриминација врз основа на етничка припадност и боја на кожа. Оттаму во својата одлука наведуваат дека пристапот до јавен превоз е важна алатка за социјална и економска инклузија на Ромите, а тоа што немаат превоз е нивна дополнителна маргинализација.

За ромската популација, особено оние што живеат во пооддалечени области на Скопје, недостатокот на пристап до сигурен и редовен јавен превоз значи ограничена мобилност. Со тоа се ограничуваат нивните основни права како образованието и вработувањето што претставува форма на дискриминација врз основа на нивната етничка припадност и социо-економски статус. Ако Ромите не можат да патуваат на училиште или на работа, тие се исклучени од основните општествени придобивки со што се продлабочува нивната маргинализација. Оттука решавањето на овие бариери е од суштинско значење за остварување на принципот на еднаквост, пишува Комисијата во своето мислење. 

Оттаму препорачуваат ЈСП Скопје во рок од 3 месеци да обезбеди редовен и соодветен јавен превоз за жителите на Шуто Оризари како и да ги прекинат дискриминаторските практики утврдени во мислењето.

Ова не било првпат ЈСП да ги дискриминира Ромите. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во 2021 година утврди дека мајка и дете од ромска етничка припадност и покрај тоа што имале годишен билет, биле избркани од автобус поради нивната етничка припадност – дејствие што е понижувачко постапување што има за цел да го повреди достоинството на оваа група граѓани. И на 2 септември 2021 година Комисијата утврдила дека ЈСП Скопје извршило директна интерсекциска дискриминација врз жена и нејзините две малолетни деца врз основа на раса, боја на кожа и социјално потекло.

Дискриминација е секое исклучување, разликување, ограничување и давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што има за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со друга. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите.

Директна дискриминација постои кога со едно лице или група се постапува, се постапувало или би се постапувало понеповолно во однос на друго лице или група во фактичка или можна споредлива или слична ситуација, врз дискриминаторска основа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот