
Јове Кекеновски влегува во управниот одбор на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“
Јове Кекеновски, некогашниот лидер на згаснатиот Фронт за демократска Македонија, влегува во управниот одбор на најголемиот земјоделски комбинат во Македонија, „Пелагонија“, објави „Фактор“.
Препорачано
На следната седница на собранието на акционери што ќе се одржи на 11 август, предвидена е точка на која треба да се разреши Салаудин Арифи, а Кекеновски да се назначи за нов неизвршен и независен член на Одборот на директори, пишува порталот.
„За неизвршен и независен член на Одборот на директори на Земјоделскиот комбинат ПЕЛАГОНИЈА АД Битола СЕ ИЗБИРА И НАЗНАЧУВА: Јове Кекеновски од Скопје, дипломиран правник, доктор на политички науки, државјанин на Р.С.Македонијa“, се наведува во една од предлог-одлуките што како најава се доставени до „Македонска берза“.
Некогашниот жесток критичар на пребеганиот експремиер Никола Груевски е единствената промена што се најавува во Управниот одбор, додека во него ќе бида истите други членови – Цветан Панделески, Весна Белешовска Бунтеска, Александар Георгиев и Анета Ѓоргиев.
Кекеновски е најавен како некогашен претседавач на Советот на Град Скопје, државен секретар во Министерството за животна средина, предавач на четири домашни универзитети и на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, претседател на УО на ЈСП-Скопје, член на УО на Дирекцијата за слободни економски зони, како и член на УП на Одборот за акредитација во високото образование.
ЗК „Пелагонија“ претежно се занимава со производство на жито, но поседува и голем број сточни грла и посеви за производство на сточна храна. Ја поседува млекарницата Здравје Радово, како и биогасна електроцентрала.