Јогата и игрите им го спасиле духот 17 дена длабоко под земјата

Ведри, како да не биле 17 дена длабоко под земја - Фотографија ЕПА, Власти на сојузната држава Утараханд

Додека уживале во својот прв оброк под ведро небо по речиси три недели, работниците раскажале дека вежбањето јога и игрите на мобилните телефони им го кревал духот во релативно пространиот џеб 200 метри од влезот во тунелот и 60 метри под површината

Насмеани, накитени со цветни ѓердани, индиските работници вчера им се радуваа на чистиот воздух и на прегратките со своите најблиски, откако поминаа 17 дена затрупани среде тунел под Хималаите.

Додека уживале во својот прв оброк под ведро небо по речиси три недели, работниците раскажале дека вежбањето јога и игрите на мобилните телефони им го кревал духот во релативно пространиот џеб 200 метри од влезот во тунелот и 60 метри под површината.

Вкупно 41 работник беа затрупани на 12 ноември, кога поројните дождови го урнале сводот на тунелот, на клучна делница од мегаавтопатот до северните индиски провинции под Хималаите.

Цела Индија се молеше за нивно извлекување, но спасувачките екипи не можеа да пробијат безбеден канал, дури ни со специјална машина што ја префрлија од Њу Делхи.
Откако по само 15 од потребните 60 метри откажала и втората машина, клучни за пробивањето канал за спасување беа шестемина „рударски кртови“ од сојузната држава Мегалаја, кои со рачен алат ги пробиле последните метри во тесниот канал со дијаметар од 90 сантиметри. Се менувале во групи – додека тројца копале, другите тројца ја исфрлале земјата. По 24 часа неуморно копање, каналот конечно бил пробиен.

„Кртовите“, обично деца, порано биле ударната сила во јагленокопите низ Индија, но забранети се од пред половина век поради превисокиот број несреќи и смртни случаи во јамите без вентилација или какви било безбедносни механизми. Многу рудници, сепак, продолжиле да ја користат незаменливата вештина на овие копачи. Во периодот од 2007 до 2014 година во јагленокопи низ Индија според неофицијални процени загинале меѓу 10.000 и 15.000 „кртови“.

Телесното здравје и ведриот дух за сето тоа време во клаустрофобична средина работниците го одржувале благодарение на тесната цевка низ која комуницирале со спасувачите, а воедно добивале и воздух, вода, храна и лекови. Лекари ги советувале да вежбаат јога и да разговараат меѓу себе, а им помогнало и играњето на мобилните телефони. Кога сите биле извлечени, направиле славеничка „семејна“ фотографија пред влезот во тунелот.

Семејствата на работниците неизмерно им благодареа на спасувачите.

– Веќе изгубив еден син во несреќа на градилиште. Не ќе можев да преживеам ако изгубев уште еден – изјавил за Би-би-си Чодхари Лал, бакнувајќи го својот син Манџит.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот