Горан Минчев Фото Принтскрин

Јавната администрација е неефикасна и бавна, Минчев ќе ја рационализира за 40 отсто

Министерот за јавна администрација Горан Минчев најави новите пакет закони за усовршување и професионализација на државните службеници. Според него, партизацијата и роднинските вработувања изминатите 30 години ја довеле јавната администрација во денешната состојба – да биде нефункционална, гломазна, бавна и неефикасна.

По потпишувањето на Меморандумот за соработка со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, Минлев рече дека Владата е силно посветена на департизацијата на администрацијата, но и на нејзино рационализирање што е и обврска на државата за членство во ЕУ.

„Донесовме пакет од четири закони кои ги сметаме за чекор напред кон реформите на администрацијата. Еден од нив, за академијата, се однесува на едукација на администрацијата и тоа ќе биде клучен приоритет во наредниот период. Почнуваме не само со едукација на новите вработени во јавниот сектор, туку и со одржување континуитет на знаењето на останатите кои треба да ги следат модерните трендови и европскиот процес. Крајната цел е да им дадат подобри услуги на граѓаните. Значи, освен департизација, во следниот период почнуваме и нов процес со пакет три нови закони, за висока раководна служба, за плати и за организација и работа на органите на државната управа, рече Минчев.

Министерот за јавна администрација најави и широка јавна расправа за законските решенија. Најави кратење на управни и надзорни одбори.

„Мислам дека имаме добра можност да почнеме со минимално кратење на т.н. управни и надзорни одбори или со усогласување на бројот на членови на тие одбори. Секако, ќе следи и спојување на одредени институции во други со што ќе влеземе во процес кој ни е обврска од ЕУ, а тоа 40 отсто кратење на буџетските корисници. Сведоци сме дека имаме голем број институции кои имаат по еден или двајца вработени или во минатото се направени за да задоволат нечии политички или партиски потреби. Сето тоа внимателно ќе го разгледаме и се надевам дека во идниот период, низ јавна расправа, ќе дојдеме до најдоброто решение – овие институции да влезат во рамки на другите за администрацијата да биде помала и поефикасна“ истакна Минчев.

Вчера и премиерот Христијан Мицкоски рече дека завршило времето кога јавната администрација била сведена на политички плен и кога владеела партизација, реваншизам и клиентелизам. Тој порача дека администрацијата ќе се трансформира во професионален и ефикасен сервис на граѓаните.

Следи департизација на јавната администрација, заврши времето на реваншизам и клиентелизам, порача Мицкоски

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот