Јанушев: Обвинителката Стефанова во случајот со Мијалков заплени имот од 30 милиони евра, а наплатени се само околу 350 илјади евра

Игор Јанушев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и генерален секретар на Владата, ги повика надлежните институции да се позанимаваат со имотот на обвинителката Лиле Стефанова.

Јанушев посочи дека има индиции за неправилности во врска со нејзината работа.

– Барам Обвинителството, еве, по допрен глас, нека го провери нејзиниот имот. Има различни муабети, но еве јас тоа го барам и јавно. Еве нека го испитаат предметот во врска со тоа колкава наплата е направена од запленетиот имот на господинот Мијалков и дали тука има штета на Буџетот. Запленет е имот од 30 милиони евра, од тие се наплатени само околу 350 илјади евра и тоа се единствените запленети и истите кои тој повторно си ги купи, истата обвинителка – кажа Јанушев во синоќешното гостување во поткастот „На кавга“ на Канал 5 телевизија.

Тој се осврна и на неговите судски случувања поврзани со обвинувања од СЈО кои потоа ги презема обвинителката Лиле Стефанова која тогаш беше во Обвинителството за гонење на организиран криминал, а потоа или кон крајот на минатата година премина во Републичкото јавно обвинителство.

– Јас сум единствен кој е оштетен затоа што ми е ускратено правото да докажувам невиност. Доколку пресудата беше правосилна ќе можеше да барам правда во сите инстанци, а вака јас сега сум оштетен. Јас правдата сепак ќе ја барам пред Стразбур. Мислам дека апликацијата е веќе прифатена. Во обвинението кон мене, иако ме обвинуваа за пет милиони евра штета, не се спомнува сума, ниту финансиска штета за државата – потенцира Јанушев.

Тој апелираше до надлежните да го проверат имотот на некои судии, конкретно на судијата Осман Шабани.

– Нека го проверат имотот на судијата за мојот предмет, Осман Шабани. Или нека ја проверат неговата куќа во Сарај за која имам сериозни индиции дека е дивоградба. Нека го проверат и возилото што го вози – рече тој.

Тој укажа дека возилото може да се провери или да се види секој ден пред Апелацискиот суд.

– Возилото е паркирано со интересна „џемсбондовска“ регистарска табличка 001. За истото треба да се провери на чие име е пријавено и кој го вози – посочи Јанушев.

Инаку, судијата Осман Шабани беше судија во предметот за наводно фаворизирање на економскиот кинески оператор, а Јанушев беше осомничен како член на комисија во рамки на тогашното Министерството за транспорт и врски. Во предметот, како што информираше Јанушев, за него не беше наведена ниту сума за која нанел штета на државниот Буџет, а ниту тој беше обвинет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот