
Јанкуловски: Холокаустот е потсетник за страшните последици од нетолеранцијата, омразата и дискриминацијата
Холокаустот е потсетник за страшните последици од нетолеранцијата, омразата и дискриминацијата, а ние како Влада остануваме посветени на борбата против антисемитизмот, говорот на омраза и сите облици на дискриминација, истакна заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски на денешната комеморација посветена на 11 март, денот на депортацијата на македонските Евреи.
Препорачано
Во име на владината делегација, во која беа и замениците министри Викторија Трајков и Марјан Ристески, Јанкуловски посочи дека сегашните и идните генерации треба да учат од историјата, да градат општество засновано на мир, разбирање и солидарност.
-Со длабока почит и тага се сеќаваме на 7.144 македонски Евреи кои беа одведени од своите домови и депортирани во логорот Треблинка каде што нивниот живот насилно беше прекинат. Во срцето на Битола, град со длабоки историски корени и мултикултурно наследство, стоиме обединети во меморија на оваа трагедија, но и со решеност да го зачуваме сеќавањето и да пренесеме силна порака за иднината. Холокаустот е потсетник за страшните последици од нетолеранцијата, омразата и дискриминацијата. Како Влада остануваме посветени на борбата против антисемитизмот, говорот на омраза и сите облици на дискриминација. Денес не сме тука само да жалиме, туку и да испратиме порака дека никогаш нема дозволиме да се повтори таква неправда. Се поклонуваме пред жртвите, но и ги повикуваме сегашните и идните генерации да учат од историјата, да градат општество засновано на мир, разбирање и солидарност, истакна Јанкуловски.