
Јањевиќ: Се надевам дека спортската среќа ќе биде на наша страна против Работнички
Второто полуфинале од женскиот одбојкарски Куп уште по ждрепката го доби епитетот „финале пред финалето“.
Препорачано
Од 20.00 часот ќе се соочат Работнички Скопје и Јанта Волеј КВ, двата клуба кои се главни конкуренти за шампионската титула во првенството сега меѓусебно ќе се елиминираат на патот кон куп трофејот.
– Според досегашните меѓусебни дуели на екипите кои се дел од завршницата на Купот, можам да констатирам дека нè очекуваат крајно неизвесни и интересни натпревари. Сето ова надополнето со фактот дека системот во куп натпреварувањето е елиминациски, односно се игра само еден натпревар, дава дополнителна мотивација и стимул кај секоја од екипите. Која било екипа да биде победник во сабота нема да биде апсолутно никакво изненадување. Сите услови се исполнети, викендов да биде презник на одбојката во Радовиш и убеден сум дека на гледачите во спортската сала „25 Мај“ како и на оние пред малите екрани ќе им овозможиме пред сè квалитетна одбојка и интересни натпревари. Останува само да уживаме во добра игра и добра атмосфера и на крајот нека победи екипата која е најподготвена во овој момент и која ќе прикаже најдобри перформанси и секако најдобра игра.
Што се однесува до полуфиналниот дуел против екипата на Јанта Волеј, очекувам неизвесен меч и борба за секој поен од страна на двете екипи. Крајно неизвесни беа сите четири наатпревари кои ги одигравме оваа сезона, имаме по две победи секоја екипа, а три натпревари завршија во пет сета. Добро се познаваме меѓусебно и сметам дека нијанси ќе го одлучат патникот во саботното финале – констатира Душко Деспотовски, тренерот на Работнички Скопје.
Слично размислуваат и во таборот на Јанта Волеј.
– Двете екипи одлично се познаваат и во меѓусебните дуели веќе имаат докажано дека нема фаворит. Атмосферата во нашата екипа е позитивна и мотивацијата е на високо ниво. Очекуваме интересен, неизвесен и динамичен натпревар, со убава одбојка за гледање и за уживање како за нас, така и за гледачите и љубителите на одбојката. Нека победи подобриот и се надеваме дека спортската среќа ќе биде на наша страна – заклучува Никола Јањевиќ, стратегот на Јанта Волеј КВ.
Патот до титулата кај дамите е отворен, откако бранителот на трофејот Струмица жени беше елиминиран во осминафиналето.