Весна Јаневска - министерка за образование / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Јаневска: Во оваа држава никој никому не може да му забрани да ја слуша, интонира и пее химната на оние што сакаат

Министерката за образование и наука Весна Јаневска, најави враќање на предлог-Законот за средно образование кој беше повлечен на крајот на годината. Таа додаде дека во моментов се работи на Законот и се очекува во текот на овој месец да биде вратен во Собрание.

-Знаете дека секогаш може подобро. Имаме неколку членови кои сметаме дека треба да ги доработиме и очекувам Законот да биде готов меѓу 20 и 25 овој месец и тогаш и ќе го вратиме во Собранието. Во овој момент разговараме со нашите коалициски партнери – рече Јаневска на денешната прес-конференција.

Таа потенцираше дека нема да дозволат политиката да ги запре процесите во образованието.

-Во оваа држава никој никому не може да му забрани да ја слуша, интонира и пее химната на оние што сакаат. Јас искрено се надевам дека во некои идни времиња, сите ќе се почувствуваме како граѓани на една единствена држава и сите ќе ги почитуваме симболите на нашата заедничка држава и дека тоа нема да биде проблем – додаде министерката.

Предлог-Законот за средно образование беше повлечен од Собранието кон крајот на годината, поради амандмани од ДУИ и нивно противење на една од одредбите со која се предвидува интонирање на државната химна во училиштата.

Како што информираше министерката, при крај е и новиот Закон за високо образование, што го работи работната група формирана во новото национално координативно тело за реформи во високото образование.

-Мислам дека новиот Закон за високо образование и Законот за научни установи што го работат моите колеги, навистина ќе даде голем придонес за подобрување на квалитетот на високото образование – изјави Јаневска.

Како што дополни, при крај е и Законот за ученичкиот и студентски стандард, кој го работеше работна група од Министерството за образование и наука заедно со студентите. Појасни дека до јуни и овој Закон ќе биде донесен.

На прашањето дали ќе има покачување на средствата за студентскиот оброк, Јаневска одговори дека во овој момент имаат обезбедено средства за покачување на студентскиот оброк од 140 на 160 денари.

-Овие средства се обезбедени во буџетот. Треба уште еднаш да се сретнеме со студентите за да одлучиме дали ќе го зголемиме опсегот. Мислам дека во тој правец се оди, на зголемување на опсегот но во рамките на обезбедените средства – кажа Јаневска.

Прашана за ваучери за електронските уреди, Јаневска потенцираше дека електронските уреди нема да одат како ингеренција на Министерството за образование и наука, туку дека тие ќе бидат под ингеренции на Министерството за економија и труд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот