Весна Јаневска/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Јаневска: Ќе останат само добрите решенија на Царовска

Таа најави дека уште утре ќе има средба со СОНК за да почнат првите преговори околу динамиката за подобрување на сите услови на вработените во образованието, а веќе се размислува и како ќе одат покачувањата на платите

Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека уште од оваа учебна година општествените предмети – историја, географија, граѓанско образование, ќе почнат да функционираат како посебни. Таа најави дека во соработка со Бирото за развој на образование веднаш ќе почнат да работат на нови програми и планови, да ги одделат посебните предмети и да го имплементираат она што наставниците и родителите велат дека не функционира, но потенцираше дека нема целосно да го менува концептот на нејзината претходничка Мила Царовска и ќе останат само добрите решенија.

-Оваа година ќе биде преодна во наставните програми и предмети, а во соработка со Бирото за образование уште веднаш почнуваме да работиме на новите програми и планови, да ги одделиме посебните предмети, да имплементираме она што наставниците и родителите велат дека не функционира и не дава ефект, за следната 2025/2026 година да бидеме комплетно готови со надградената, променета концепција, со нови наставни планови и програми и со нови учебници, најави Јаневска.

Таа најави дека уште утре ќе има средба со СОНК за да почнат првите преговори околу динамиката за подобрување на сите услови на вработените во образованието, а веќе се размислува и како ќе одат покачувањата на платите.

Во врска со е-дневникот, системот ќе стартува помине периодот на тестирање и на обука, а дотогаш ќе се работи со стариот е-дневник.

-Ветивме дека до крај на мандатот ќе го потпишеме колективниот договор и тоа ќе се случи. Веќе почнуваме да размислуваме како ќе одат покачувањата на платите во текот на овие години до потпишување на колективниот договор. Во однос на помошта, не се само студентите. Не е исплатена и помошта на учениците. Вчера почнавме да ги правиме пресметките и анализите зошто не е исплатена. Исплатена е само за декември, правиме голем напор да се исплатат барем за јануари и февруари, во една транша, па потоа да ги доисплатиме и останатите. Јас и пред да станам министерка велев, молам за трпение, сè ќе биде направено. За два дена сторивме многу, ќе продолжиме со исто темпо и тоа што сме го ветиле, ќе го реализираме, потенцира Јаневска, одговорајќи на новинарски прашања пред промоцијата на новиот Информациски систем за управување со образованието.

Министерката за образование и наука се осврна и на ветеното мапирање во првите 100 дена.

-Тоа е веќе почнато, иако само два дена се во прашање, за да овозможиме подолга целодневна настава и едносменска настава во школите. Откако релативно брзо, во текот на летото, ќе ја добиеме реалната состојба, а некои и ќе ги посетиме физички за да видиме што се случува, ќе направиме план, секаде каде што има услови, да се почне со целодневна настава барем до четврто одделение и со едносменска настава. Бирото се подготвува да го среди наставните планови и програми за подолг престој на децата во училиште и тоа се однесува главно на изборните предмети, како дополнителни часови по математика, македонски, англиски јазик, драмски секции, хор, оркестар, сликање, животни вештини, …, со тоа ќе им го пополниме времето за да не мислат децата дека шест до осум часа ќе мора да стојат над книга. Во меѓувреме ќе имаат слободен час да напишат домашно, да научат како се прави проект, … Во колку што е можно училишта тоа ќе го направиме веднаш. Како ќе создаваме услови, така ќе го имплементираме истото, рече Јаневска.

Еден од приоритетите, дополни, ќе биде и работата со талентирани ученици, а во фокус ќе биде и средното стручно образование кое ќе се доусовршува со практично учење во компаниите.

-Немаме време да одиме чекор по чекор, ќе одиме на паралелни линии. Нема да биде изоставено високото образование, каде се потребни исто така значајни промени. Се надевам дека идната недела или после неа, ќе се сретнам со Управата на универзитетите. И тоа мора брзо да се заврши, да се договориме каде ќе се движиме понатаму, информира Јаневска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот