Извршител - табла / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Извршителите сами ќе си внесуваат налози во Фондот за ПИОМ за наплата на долгови од пензионерите

Со тоа ќе се овозможи поголема ефикасноста во работењето на Фондот, како и на извршителите и ќе се отстрани секоја потенцијална грешка од човечки или технички фактор, велат од ПИОМ за „Слободен печат“

Извршителите ќе добијат директен, авторизиран пристап до веб порталот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и тоа е основната цел на неодамна потпишаниот Меморандум, меѓу директорот на Фондот, Никола Мемов, министерот за правда, Игор Филков и претседателката на Комората на извршители, Весна Деловска, кој меѓу другото предвидува и заштита на податоците кои ќе се разменуваат и до кои ќе имаат пристап извршителите.

Со тоа ќе се овозможи поголема ефикасност во работењето на Фондот, како и на извршителите и ќе се отстрани секоја потенцијална грешка од човечки или технички фактор, велат од ПИОМ за „Слободен печат“. Меморандумот овозможува извршителите сами, директно да ги внесуваат налозите за извршување во системот на ПИОМ, по претходно донесено извршно решение, со што се придонесува за доследна примена на Законот за извршување. Како и досега, извршителите не смеат да наплатуват долгови од примателите на минимална пензија.

-На овој начин се уредува начинот на соработка помеѓу Фондот и Комората преку контрола, електронско разменување на податоци за лицата-должници за кои е поведена постапка за присилно извршување пред надлежен извршител. Со потпишувањето на овој Меморандум правиме чекор напред во зголемувањето на ефикасноста во работата на Фондот, бидејќи досега трошевме ресурси и луѓе за спроведувањето на налозите од извршителите. Со него ќе се овозможи подобра и побрза размена на податоците кои им се потребни на извршителите и се исклучува влијанието на човечкиот фактор во постапката – вели директорот на Фондот, Никола Мемов.

Според Мемов, со примената на Меморандумот ќе се намали и потребата Фондот да одговара на разни прашања и барања од интерес на извршителите, а кои на месечно ниво се повеќе од 2.000. Отсега извршителите ќе можат овие информации сами да ги обезбедат од системот на Фондот.

-Со потпишувањето на овој Меморандум се штити и буџетот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување од наплата на средства од страна на извршителите, кои согласно член 146 од Законот за извршување, можат да ги наплатат од Фондот во име на пензионерите како должници – потенцира Мемов.

За потсетување извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, меѓудругото беше утвредено и дека извршители неосновано повлекувале пари од Фондот врз основа на извршување врз пензионери поради различни долгови. Имено, тогаш од Фондот констатираа дека одредени извршители, откако биле известени од стручната служба на Фондот, дека не се во состојба да го реализираат налогот за извршување од повеќе причини (починат корисник на пензија, корисник со најнизок износ на пензија, корисник за кој веќе се задржува 1/3 од пензијата по друг налог за извршување), сепак пристапувале кон извршување директно од сметката на Фондот.

-Од Фондот во 2021 година месечно биле регистрирани од 2.500 до 3.000 трансакции од пензии на должници кон сметки на извршителите, а на годишно ниво оваа бројка достигнувала околу 30.000 трансакции. Притоа бројката на вработени лица во Фондот кои се ангажирани на ова прашање во зависност од обемот на работа достигнува и 8-9 лица, а за вршењето на оваа услуга Фондот не добива никаков надоместок од страна на извршителите – беше констатирано во ревизорскиот Извештај.

Ревизијата открила одредени сум на пари што му се уплатени на ПИОМ, но поради нецелосни податоци и грешки при внесувањето податоци од страна на други институции, овие пари ПИОМ сега не мое да ги користи, односно поради нечии грешки идните пензионери нема да може да добијат целосни пензии. Ревизорот констатирал и дека поради ненавремена достава на податоци од надлежните институции за промена на статусот на осигурениците, има неоснована исплата на пензии, а низок е процентот на поврат на пари од вакви постапки во минатото.

Извршителите не смеат да наплатуват долгови од примателите на минимална пензија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот