
Извршено е супервештачење за случајот Јалдз Веапоска – крунскиот доказ што ќе го оконча предметот со извадените матка, бубрег и јајник
Четири години после трауматичниот царски рез, во кој на медицинската сестра од Дебар Јалдз Веапоска ѝ беа извадени матката, бубрегот и јајникот, нејзиниот случај се приближува кон судска завршница. Со челични нерви и бројни правни лавиринти, двајца пензионирани судии подоцна – Веапоска со нетрпение ја очекува својата правда.
Препорачано
„Слободен печат“ дознава дека Одборот за судско-медицински вештачења при Медицинскиот факултет во Скопје составен од 19 лекари од различни профили, го завршил и го изготвил извештајот од супервештачењето од кој ќе стане кристално јасно што всушност се случувало во операционата сала со Веапоска. Овој крунски доказ ќе му открие на судот дали лекарите што биле задолжени за нејзиното породување и третман после царскиот рез направиле грешка или како што тврдеа самите – го спасувале животот на Веапоска. Како што за „Слободен печат“ потврдуваат од основниот суд Струга, откако ги добиле овие документи, следното рочиште го закажале за три недели од денеска, на 5 февруари во 13 часот.
Според Обвинителството, тројцата лекари, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син и тогашен специјализант Блертон Асани и гинекологот Лилјана Јованоска, сите тројца вработени во ЈЗУ Општа болница Струга, при укажување лекарска помош врз Веапоска, примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување, со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба.
-Родилката била примена на 27.08.2020 година заради породување на гинеколошкото одделение, бидејќи била во 40-тата недела од бременоста. Ја примил првообвинетиот кој ја водел како пациент во текот на целата бременост и донел одлука породувањето да биде извршено со царски рез. При операцијата му асистирал второобвинетиот, но при изведувањето на царскиот рез тие ја оштетиле левата бубрежна артерија. Како резултат на ова оштетување дошло до влошување на здравствената состојба на пациентката, која била нестабилна, но и покрај тоа обвинетите не презеле никакви мерки за утврдување на причините за влошување на нејзината состојба. Со терапијата која ѝ ја дале дополнително ја влошиле состојбата на пациентката и задоцниле со реакцијата, поради што кај неа настанала огромна загуба на крв и западнала во состојба на шок, соопшти ОЈО на 7 мај 2022 година кога го поднесе обвинението.
Додадоа дека во такви услови, првообвинетиот со асистенција на третообвинетата се решиле да извршат нов оперативен зафат за да го спречат крварењето, да ѝ ја отстранат матката и левиот јајник иако на овие органи немало никакви промени или повреди.
Откако и по затворањето на пациентката крварењето не престанало, тие се решиле за уште еден оперативен зафат при што хирурзите откриле дека крварењето доаѓа од оштетувањето на бубрежната артерија предизвикано при царскиот рез. Заради неможноста да се реконструира бубрежната артерија, таа морала да се подврзе и да се отстрани левиот бубрег со цел да се спаси животот на оштетената. Кога тоа било направено и крварењето било запрено, пациентката била препратена на лекување на Државната клиника „Мајка Тереза“ во Скопје, прецизираше ОЈО во обвиниението.
Зошто се прави супервештачење?
Кога предметот стигна во судот, тој не беше приоритетизиран и западна во класичната „гужва“ и недостигот на судии. Двајца судии и еден обвинител се пензионираа, процесот почнуваше од почеток, а сега правдата е во рацете на трет судија – Јордан Јованов. Веапоска во меѓувреме остана и без жолчка, којашто морала да ја извади поради компликации со здравјето. Таа за медиумите изјавуваше дека во струшката болница била направена „половина човек“, со уништено здравје и неможност да има уште едно дете дури и да сака.
Судот нареди да се изврши супервештачење, затоа што двете вештачења што ги доби – едното на барање на Обвинителството, а другото на барање на одбраната беа дијаметрално спротивни.
Вештачењето од Институтот за судска медицина, приложено од Обвинителството, посочи одговорност кај лекарите од струшката болница, а вештачењето нарачано од одбраната, кое го направи вештакот гинекологот и професор Драге Дабески, заклучи дека лекарите ѝ го спасиле животот на Веапоска.
– Во неговото вештачење вели дека обвинетите доктори ми го спасиле животот со тоа што ги извадиле моите органи и со тоа што ме направиле половина човек. Како ми го спасиле животот кога ме пратиле за Скопје, пак сум легнала на операција и 14 дена бев во кома? Не знам како застанав на нозе и благодарна сум им на лекарите на клиниката во Скопје, но не на овие доктори тука кои ми го упропастија животот. Ме направија инвалид, жена која не може повеќе да раѓа и не можам повеќе да имам деца – изјави Веапоска.
Тројцата лекари во судница се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.
Во засебен случај, гинекологот Мухамед Асани беше осуден на условна казна зашто дома имал нерегистрирана гинеколошка ординација. Државниот здравствен и санитарен инспекторат му ја затвори откако четири родилки од Дебар заедно со нивните сопрузи, на нотар дадоа изјави дека токму во таа дива ординација им била следена бременоста во различни периоди од минатото. Во таа ординација била следена и бременоста на Веапоска, но породувањето беше извршено во струшката општа болница.