депонија Дрисла/ Фото: Архива

Извршен вонреден инспекциски надзор на депонијата „Дрисла“, ќе се испитува водата и почвата по пожарот

Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека пред два дена бил извршен вонреден инспекциски надзор на депонијата Дрисла и дека е изготвен извештај за состојбата кој е доставен до Министерството. Надзорот бил извршен по пријава од полициската станица Гази Баба.

Како што стои во соопштението на МЖСПП, инспекцискиот надзор бил извршен од страна на овластени инспектори од СВР Скопје ЕЕКК и дека на местото присутни биле директорот на ЈП „Дрисла“, надлежно лице за животна средина, како и други вработени во јавната установа.

– Во доцните попладневни часови, околу 15:15 часот, државниот Инспекторат за животна средина изврши вонреден инспекциски надзор поради пожар кој избувна на поранешната депонија за комунален отпад „Дрисла“, по пријава од Полициската станица Гази Баба. На лице место се врши гаснење на опожарениот дел со сопствена механизација и средства на ЈП „Дрисла“, како и со повеќе противпожарни возила и возила на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Инспекцискиот надзор го извршија овластени инспектори од СВР Скопје ЕЕКК, а присутни беа и директорот на ЈП „Дрисла“, надлежно лице за животна средина и други вработени во јавната установа, стои во соопштението.

Оттаму додаваат дека во согласност со дозволата А-ИСКЗ која што ја поседува ЈП „Дрисла“, бил изготвен извештај во врска со настанот и преку електронска пошта испратен до Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина.

Во согласност со А-ИСКЗ дозволата која ја поседува ЈП „Дрисла“, е изготвен извештај испратен по е-пошта до МЖСПП и ДИЖС во врска со настанот. Од надзорот е изготвен записник за констатирање, а ќе бидат земени и примероци од подземни води и почва од страна на акредитирана лабораторија за животна средина. ЈП „Дрисла“ достави и извештај од мониторинг станицата за квалитет на воздухот.

Инспекциската постапка е во тек и се следат сите мерки за евалуација на влијанието и отстранување на последиците од пожарот, стои во соопштението.

Вчера беше донесена и забрана за движење на територија на депонијата „Вардариште“, како итна мерка во насока на справување со пожарот на депонијата „Вардариште“ во општина Гази Баба. Мерката е донесена за превенција и отстранување на штетните последици од пожарите на депонијата „Вардариште“ а поради зголемените ризици по животот и здравјето на граѓаните и поради загадувањето на животната средина.

Утрово делови на Скопје беа обвиени во магла и загаден воздух. Особено е алармантно во населбите Аеродром и Ново Лисиче, каде вчера граѓаните повторно се собраа на досега најмасовен протест.

„О2 иницијатива“ со петиција бара „Дрисла“ да остане во надлежност на Град Скопје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот